• четврток, 19 декември 2024

Концерт на Горан Начевски и Николета Конти во рамките на „Златна лира”

Концерт на Горан Начевски и Николета Конти во рамките на „Златна лира”

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Во рамките на 18. издание на Фестивалот на музички уметници на Македонија „Златна лира”, вечер во Музејот на македонската борба ќе се одржи концерт на Горан Начевски на баритон и Николета Конти на пијано од Италија. На програмата се Џ. Бонончини, В.Л.Чампи, В. Белини, П. Тости, Џ. Верди, Т. Скаловски, Б. Цанев и Т. Зографски.

Како што соопштија од Сојузот на музичките уметници на Македонија, повеќестраната музичка активност на Горан Начевски се протега низ повеќе години, покривајќи го полето на вокалната и композиторската дејност. Образован на Факултетот за музичка уметност во Прага, каде што магистрира соло пеење и докторира музичка теорија со специјализација по теорија на композиција, неговиот композиторски опус вклучува изведби како на домашната сцена, така и во повеќе европски земји. Начевски ја гради својата вокална кариера со бројни концертни настапи и како солист на сцената на Македонската опера и балет.

Покрај оперските настапи, Начевски се истакнува и во концертната дејност, со настапи на Охридско лето, Есенски музички свечености, како и со рецитали во Скопје, Белград и Штип. Редовно настапува и на фестивалот Денови на македонската музика, каде што ги промовира своите и други македонски дела. Неговите настапи се одликуваат со „интерпретативна тенденција кон високо професионално толкување на делата, внимателен приод кон изведбата (на секој тон, секоја музичка фраза), со прецизна интонација, јасна дикција и убави динамички распони.

Родена во Болоња, Николетa Конти студирала пијано, композиција и диригирање на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Милано и Конзерваториумот за музика „Г.Б. Мартини“ во Болоња. Таа дипломирала на Универзитетот во Болоња, на катедрата за музичка естетика при ДАМС (дисциплини на уметноста, музиката и драмата), Факултетот за литература и филозофија, како и на музикологија.

Оркестрите што ги има диригирано вклучуваат: Оркестарот „Артуро Тосканини“, Оркестарот на Арена ди Верона, Оркестарот на Танглвуд музичкиот фестивал, Оркестарот „Реџионале Тоскана“, Симфонискиот оркестар Киушу, Унгарскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на градот Ферара, Камерниот оркестар на Болоња, Оркестарот „Филармоници ди Болоња“, Филхармонискиот оркестар на Торино, Оркестарот „Ришон ле Цион“, Оркестарот „И Помериџи Музикали ди Милано“, Штутгартската филхармонија.

Конти диригирала и „Дон Џовани“ од Газанига во Театар Регио ди Торино, две современи опери на нивните премиери на Моцарт фестивалот во Роверето и во Театар Комунале во Болоња, „Набуко“ и „Мадам Батерфлај“ во продукција на Бепе Де Томази во Театрите на Асколи Пичено и Фано.бт/дма/

Фото: плакат

 

Остани поврзан