• петок, 22 ноември 2024

Конференција: Поголема усогласеност на националните правни рамки за сигурни и брзи прекугранични дигитални плаќања

Конференција: Поголема усогласеност на националните правни рамки за сигурни и брзи прекугранични дигитални плаќања
Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) - Сè поголемата застапеност на новите технологии за плаќања ја потврдува важноста од вклучувањето на централните банки во носењето политики за забрзување на процесот на дигитализација. Во тој контекст, во процесот на дигитализација на платежните услуги е значајна довербата што ја има јавноста во централните банки во однос на одржувањето на ценовната стабилност како нивна основна цел, истакнаа учесниците на панел-дискусијата што се одржа вчера, на првиот ден од 14. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура. Како што беше речено, потребно е при воведувањето на новитетите од технолошкиот развој, централните банки да ги земат предвид потенцијалните ризици, за кои се неопходни соодветни издржани решенија. Потпирајќи се безрезервно на дигиталните канали за плаќање, се наметнува и потребата од воспоставување алатки кои потрошувачите ќе може да ги користат безбедно, брзо и удобно. Сето ова треба да е достапно за потрошувачите и со минимални трошоци. За учесниците, од големо значење е обезбедувањето и на конкурентноста во платежните услуги, што е основа за натамошен развој и поттикнување на дигитализацијата. Во однос на прекуграничните плаќања, пак, беше посочено дека е потребна засилена меѓународна соработка на централните банки за постигнување повисоко ниво на интероперабилност и воедначеност на националните правни рамки кои ќе обезбедат сигурност и брзина. Тема на Конференцијата што ја организира Народната банка на Република Северна Македонија со поддршка на Централната банка на Холандија, беа предизвиците и можностите што ги носи глобалниот бран во користењето на дигиталните плаќања. Во дискусијата учествуваа Габриел Содерберг, финансиски експерт во Одделот за монетарни прашања и пазарот на капитал во Меѓународниот монетарен фонд, Игнасио Терол, менаџер на проектот за дигитално евро во Европската централна банка и Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи во Народната банка на Република Северна Македонија, зборувајќи за брзите и удобни плаќања, коишто не ја загрозуваат безбедноста и се создадени според потребите на потрошувачите, како императив на дигитализацијата на  плаќањата. Присутните имаа можност да го слушнат излагањето на тема „Вклучување на меѓународната димензија во дизајнот на дигиталната валута на централната банка“ на Анеке Косе од Банката за меѓународни порамнувања, како и на Рија Роерник од Банката на Холандија, која се осврна на темата „Дигитално евро: што, зошто и како?“ Учесниците дебатираа и за воведувањето на дигиталната валута на централните банки како  можност да се прифати предизвикот на глобализацијата и дигитализацијата. Притоа укажаа дека со дигиталната валута, централните банки ќе овозможат стабилност и доверба во платните системи, воедно обезбедувајќи добар баланс, од една страна со зајакнување на ефикасноста, брзината и цената, од друга страна со намалување на ризиците коишто ги носи дигитализацијата. Четиринаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура продолжува утре, како платформа на која ќе се споделат искуства и видувања за трендовите и предизвиците за безбедноста на дигиталниот простор и за отвореното банкарство и засилената автентикација во ерата на дигитална трансформација. мч/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан