Конференција: Институтот за безбедност, одбрана и мир се залага да се препознае одбранбената мисла во државата
- Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје несебично се залага да се препознае одбранбената мисла во државата. Институтот денес претставува еден од најистакнатите научни центри во нашата земја, со докажан кредибилитет и стручност. Благодарение на својата академска истражувачка работа, овој Институт не само што обезбедува квалитетна настава за новите генерации и стручни лица, туку и активно придонесува за развој на безбедносните политики на национално и меѓународно ниво.
Скопје, 3 јуни 2025 (МИА) - Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје несебично се залага да се препознае одбранбената мисла во државата. Институтот денес претставува еден од најистакнатите научни центри во нашата земја, со докажан кредибилитет и стручност. Благодарение на својата академска истражувачка работа, овој Институт не само што обезбедува квалитетна настава за новите генерации и стручни лица, туку и активно придонесува за развој на безбедносните политики на национално и меѓународно ниво.
Ова беа главните пораки од Меѓународната научна конференција по повод 50 години од основањето на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет, што денеска се одржува во Скопје.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во своето обраќање на конференцијата напомена дека често кога се зборува за безбедноста и одбраната, фокусот е ставен на институциите и нивните капацитети, на воената и цивилната подготовка, но дека тоа што гради мир и стабилност е всушност знаењето, образованието и науката.

-Образованието е таа прва линија на "одбрана". Тоа ги гради човековите капацитети, ја развива свеста за ризиците и ја стимулира креативноста за пронаоѓање решенија. Во училиштата и универзитетите се формираат идните лидери кои ќе носат одговорни одлуки, стратези кои ќе умеат да ги балансираат интересите на националната безбедност и човековите права, истражувачи кои ќе креираат системи и технологии за превенција и за управување со кризи. Од друга страна, науката е нејзиниот партнер. Таа нуди алатки за анализи и предвидувања, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека денес безбедносните закани се многу поширока категорија во однос на минатото, имајќи предвид дека често сме соочени со сајбер напади, дезинформации, климатски промени, здравствени кризи, непредвидени ризици кои можат да загрозат човечки животи и секоја од овие закани бара научен одговор.
-Во овој контекст, образованието и науката се наши најмоќни алатки. Како Министерство за образование и наука свесни сме дека одржливиот мир и националниот развој не се можни без вложување во знаењето, во истражувањето, во стручниот и научниот кадар кој ќе умее да ги препознае, предвиди и управува со ризиците од иднината. Оттука и поддршката за Институтот за безбедност, одбрана и мир, кој претставува значаен носител на научноистражувачката дејност во оваа сфера и место каде се спојуваат академската мудрост и практичната потреба, додаде Јаневска.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање издвои два проекти кои што, како што посочи, ќе дадат додадена вредност како за државата, така и за самиот Институт и за Факултетот.
-Првиот проект кој што е од исклучително значење, е во рамки на средното полициско училиште, кое што сакаме да го вратиме во Македонија. Ова училиште било симбол за градење професионализам, кога станува збор за полициски службеници. Со проектот активно ќе вклучиме и дел од професорската фела во рамки на Институтот. Се надевам дека ќе почнеме со имплементација на овој проект во 2026 година, рече Тошковски.

Тој информираше дека вториот проект кој ќе се овозможи со измените на Законот за внатрешни работи, е директно вработување на најдобрите студенти од овој Факултет, во рамки на институциите кои се под капа на државата, особено во рамките на МВР.
-Цениме дека со ваков пристап и со мотивација, ќе дадеме до значење не само на македонските студенти да ја гледаат својата иднина во Македонија, туку и максимално посветено да ги поминат тие четири години студии, максимално професионално да се подготват да се вклучат во рамки на сето она кое би требало да значи безбедност, одбрана и мир. Тие ќе можат да се вклучат и да дадат максимум во рамки на безбедносните институции и МВР, додаде Тошковски.
Според Тошковски, со вакви проекти, со сплотеност, со заеднички ангажман, со визија и со идеја за подобрување на условите за живот во Македонија, ќе може да се задржат децата во нашата држава.
Ректорката на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Билјана Ангелова, во своето обраќање на настанот подвлече дека Институт за безбедност, одбрана и мир има континуирана посветеност на истражување и образование во одбраната. Основан е со цел да се развијат нови теоретски и практични концепти, за подобрување на националната и регионалната безбедност.
Како што рече, Институтот денес претставува еден од најистакнати научни центри во нашата земја, со докажан кредибилитет и стручност.
-Благодарение на својата академска истражувачка работа, Институтот не само што обезбедува квалитетна настава за новите генерации и стручни лица, туку и активно придонесува за развој на безбедносните политики на национално и меѓународно ниво. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како еден од најстарите и најпрестижните универзитети во земјата, се потпира на дологодишна традиција на научни истражувања, иновации и континуирана поддршка на академската заедница, рече ректорката.
Таа додаде дека Универзитетот има значајна улога не само во едукација, туку и во организирање на истражувања кои се од суштинско значење за националниот развој.
-Ние сме посветени на тоа да понудиме платформа за поттикнување на иновации и размена на идеи, кои се од корист не само за нашето општество, туку и за глобалната заедница. Особено важно е што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, преку Институтот за безбедност, одбрана и мир, активно ги истражува најновите теми од областа на безбедност и одбраната, давајќи занчителен придонес во формирање на политики кои се во согласност со современите глобални, безбедносни предизвици, додаде Ангелова.

Како што напомена, со своите научни трудови и истражувачки проекти, Институтот е стручен водич на политиките кои ја обликуваат иднината на безбедноста на Македонија и пошироко.
-Современите предизвици на глобално ниво, од геополитичката нестабилност, тероризам и климатски промени ни укажуваат дека безбедноста денес е една од најкомплексните облици на човечкото знаење. Таа не може да биде решена преку изолирани напори, туку бара стратешки пристап, координација на сите нивоа и иновации, кои ќе можат да одговорат на овие закани, посочи Ангелова.
Деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, Оливер Бакрески рече дека Институтот несебично се залага за да се препознае одбранбената мисла.
-Имаме Институт кој несебично се залага за да се препознае одбранбената мисла, во насока на тоа како да се имплементираат најдобрите пракси и најдобрите политики, кои генерално се во фокусот на интересите на националната безбедност. Тоа значи дека имаме 50 години макотрпна работа, 50 години врвни резултати и постигнувања, 50 години висок степен на голем ентузијазам и 50 години како треба да се пристапува и како треба да се пристапи кон прашањата, кои се од витален интерес за државата, рече Бакрески.
Тој најави дека во септември е предвиден и настан поврзан со 50-годишното постоење на Институтот за социологија, во рамки на Филозофскиот факултет.бт/aa/
Фото: МИА