• вторник, 23 јули 2024

Конференција за премостување на јазот меѓу формалните и неформалните практики во судството на Западен Балкан

Конференција за премостување на јазот меѓу формалните и неформалните практики во судството на Западен Балкан
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Во организација на Институтот за демократија (ИДСЦС) денеска во Скопје ќе се одржи завршната конференција на проектот „Премостување на јазот помеѓу формалните процеси и неформалните практики кои ја обликуваат судската култура на Западен Балкан“. Конференцијата, како што соопштуваат организаторите, има за цел да отвори дискусија за предизвиците со кои се соочува правосудството и да даде препораки за подобрување на судската култура и судската самоуправа во земјите од Западен Балкан. На конференцијата ќе бидат промовирани наодите од регионалното истражување за судска култура и судска независност спроведено во Албанија, Северна Македонија и Србија. Воведни зборови ќе дадат Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, Агим Нухиу, заменик-министер за правда во Владата на Република Северна Македонија и Барт де Брујн, регионален координатор за владеење на правото на Амбасадата на Кралството Холандија во Србија и Црна Гора. Клучните обраќања ќе ги дадат Наташа Габер-Дамјановска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Бојан Лапчевиќ, генерален секретар на Академијата за правосудство од Србија и Перикли Захарија, надворешен предавач на Школата за магистранти во Албанија. Експертите на проектот, Денис Прешова, доцент на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје и вонреден истражувач во Институтот за демократија, Танасије Маринковиќ, редовен професор на Правниот факултет во Белград и соработник во Центарот за судски истражувања CEPRIS и Фјоралба Цака, предавач по право на ЕУ на Правниот факултет на Универзитетот во Тирана и постар истражувач во албанскиот правен и територијален истражувачки институт (А.Л.Т.Р.И.) ќе дадат свој осврт на наодите од регионалното истражување за судската култура во Албанија, Северна Македонија и Србија. Настанот ќе продолжи со дискусија со истакнати чинители, судии и претставници на судството на земјите од Западен Балкан, посочуваат од ИДСЦС. вг/мд/

Остани поврзан