• петок, 22 ноември 2024

Конференција: Делото на Чуповски и Ристовски го покажува патот на еманципација на македонската историја и национална мисија

Конференција: Делото на Чуповски и Ристовски го покажува патот на еманципација на македонската историја и национална мисија

Скопје, 6 ноември 2023 (МИА) - Димитрија Чуповски и Блаже Ристовски се значајни ликови од нашето минато кои остануваат понатаму да бидат едни од најважните репери за нашата историја и колективна меморија. Овие два лика прават една моќна симбиоза на двајца проучувачи на една иста тема - Македонија и македонскиот народ. Нивното дело го покажува патот на развојот и еманципација на македонската историја, историската свест и македонската национална мисија, беше посочено на меѓународна конференција „Улогата на историските личности во историјата и во колективната меморија“.

Конференцијата која почна да се одржува денеска во МАНУ, е во организација на Институтот за национална историја и ќе трае до 8 ноември, а истата е по повод 145 години од раѓањето на Димитрија Чуповски (1878-1940) и пет години од смртта на Блаже Ристовски (1931-2018).

Според директорот на Институтот за национална историја Драги Ѓорѓиев, кога се споменува името на Димитрија Чуповски, првата асоцијација секогаш води во неговата непоколеблива борба за еманципацијата на македонската национална идеја и тоа во нејзината најасна и најкомплетна форма.

Името, пак, на Блаже Ристовски неминовно се поврзува со неверојатната истрајност и посветеност во професионалото академско проучување на таа борба, посебно во однос на делото и животот на Димитрија Чупоски. 

-Всушност, овие два лика прават една моќна симбиоза на двајца проучувачи на една иста тема - Македонија и македонскиот народ. Без разлика на временската дистанца на контекстот и условите во кои двајцата дејствувале, нивното дело всушност на еден возбудлив начин го покажува патот на развојот и еманципацијата на македонската историја, историска свест и македонската национална мисија, рече Ѓорѓиев во своето обраќање на конференцијата.

Како што додаде, првиот период кој може да се нарече еманципација опфаќа неколку децении од втората половина на 19 век, каде можат да бидат вклучени раните македонисти како Теодосиј Гологанов, Ѓорѓија Пулевски, а вториот период кој може да се нарече осмислување на еманципацијата беше периодот на Крсте Мисирков и непоколебливиот Димитрија Чуповски.

-Како предводници на формираното Македонско научно литаретурно другарство во Петровград, токму убеденоста на првиот и непоколебливоста на вториот, беа преточени во програмата и активноститте на другарството и во книгата „За македонцките работи“. Формирањето на МЛД малку подоцна и објавувањето на книгата на Крсте Мисирков претставуваа обид за отргнување од „сателитското“ вртење околу сличните соседски култури и идентитети, препознавајќи ја својата сопствена национална идеологија и свој сопствен културен идентитет, додаде Ѓорѓиев.

Несомнено, како што посочи, во центарот на таа автентична македонска еманципација стои личноста на неверојатниот Димитрија Чуповски, чија неповторливост во борбата за еманципација на македонскиот национален идентитет беше оправдано и од академикот Ристовски.

-Се чини дека академикот Блаже Ристовски се препозна во идеалите на Чуповски, но не само на Чуповски, ги препозна меѓудругото и општо човечките и универзални идеали на просветителството и навистина ако сестрано се анализира Чуповски, очигледни се тие идеали, додаде Ѓорѓиев.

Како што потенцираше, во идеалите и активностите на Чуповски, академикот Ристовски ја пронајде совршената еманципација на македонската нација и одбраната на целовитоста на татковината во судбоносниот период, од почетокот на 20 век, па се до почетокот на Втората светска војна.

Академик Катица Ќулавкова на конференцијата рече дека Димитрија Чуповски е главниот политички двигател на МЛД, но и на другите другарства на македонската имиграција во Петровград, од почетокот на 20 век.

-Чуповски станува млад следбеник на неговите идеали за слободна и автономна Македонија, независно од Бугарија, Грција или Србија, како политички, така црковно и културно. Чуповски покажува истражувачки интерес за етногеографските и идеолошките аспекти на македонската култура низ историјата. Тој е промотор на македонската национална и политичка кауза, додаде Ќулавкова.

Како што појасни, истражувачката дејност на Блаже Ристески трае околу 70 години и е одбележана со видна посветеност и интерес за историографијата и етнологијата, со љубов кон македонското национално прашање, но и лојалноста кон македонското културно и национално битие, што е одлика на неговиот интелектуален идентитет.

Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев потсети дека Димитрија Чуповски е еден од основоположниците на МАНУ, при што потенцираше дека за жал кај нас 28 октомври 1902 година - денот кога е формирано Макеоднското научно литературно другарство, уште не се одбележува како ден на МАНУ, што е во согласност со воспоставената практика на соседните академии во Србија и Бугарија.

Тој подвлече дека професори што извршуваат раководни институции, на пример директори на национални институции, без разлика на нивната национална припадност, имаат општествена одговорна задача да се грижат за македонскиот јазик, за македонската книжевност и начуната дисциплина и историја на државата.бт/са/

Фото/МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан