• недела, 22 декември 2024

Конститутивна седница на новиот состав на ДКСК, за решавање имаат 581 предмет од кои 34 примени од 8 февруари

Конститутивна седница на новиот состав на ДКСК, за решавање имаат 581 предмет од кои 34 примени од 8 февруари

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) – Новиот седумчлен состав на Антикорупциската комисија, кој на 8 февруари го почна мандатот за 2024-2029, има вкупно 581 предмет кои ќе ги распределат за решавање во претстојниот период. Од нив, 547 се преземени од претходниот состав на ДКСК, а 34 предмети се  од 8 до 13 февруари.

Тоа го соопшти претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, на првата седница на Антикорупциската комисија во која членуваат Цвета Ристовска, Софија Спасова-Медарска, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова-Шулев, Сервет Демири и Зоран Богоевски.

 Информирајќи за бројот на предмети и за нивната структура по области, Димитровска на конститутивната седница рече дека од 547-те што ги наследиле од претходниот состав, 481 биле примени до 31 декември 2023 (401 за имотна состојба, 46 за судир на интереси, 26 за спречување корупција и осум предмети за антикорупциска проверка на легислатива) и 66 примени од 1 јануари до 7 февруари 2024 (два за имотна состојба, девет за судир на интереси, 54 за спречување корупција и еден предмет за антикорупциска проверка на легислативата).

Од 34-те предмети што тие ги добиле откако стапија на функција до 13 февруари, соопшти Димитровска, еден е за имотна состојба, три за судир на интереси, 28 за спречување корупција (21 од нив за барање мислење) и два предмета за антикорупциска проверка на легислатива.

Во однос на претстојните двојни избори и надлежностите што ги има ДКСК, Димитровска рече дека во насока на навремено и транспарентно информирање за законитоста на користењето и располагањето со буџетски средства од денот на распишување до денот на завршување на Претседателските и на Парламентарните избори, до 1215 засегнати страни – медиуми, граѓански организации, буџетски корисници, политички партии итн. пратиле известување, објавено и на нивната веб-страница, во кое укажуваат на сите забрани кои институциите имаат законска обврска да ги почитуваат.

-ДКСК во функција на следење и контрола на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабруваме целокупната јавност навремено да ги пријавува конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Изборниот законик, истакна Димитровска.

Претседателката на Антикорупциска соопшти дека согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси, ДКСК нема надлежност и не дава мислење по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на органите на државната и на локалната власт и на другите државни органи основани согласно Устав и закон – фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва и други институции основани од државата.

На конститутивната седница членот Зоран Богоевски беше избран за заменик-претседател на ДКСК, согласно одредбата потпретседател на Комисијата да се назначува ротациски на секои шест месеци по азбучен ред на презимето. хс/са/ 

 Фото: МИА архива/ принтксрин 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан