• недела, 22 декември 2024

Консолидацијата на земјиштето еден од приоритетите на македонската аграрна политика

Консолидацијата на земјиштето еден од приоритетите на македонската аграрна политика
Скопје, 2 ноември 2022 (МИА) - Северна Македонија во контиунитет добива поддршка од ЕУ и ФАО за консолидација на земјоделското земјиште. Процесот на целосна консолидација е поставен како крајна цел според Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021 – 2027 година. ЕУ и ФАО го поддржуваат спроведувањето на националната политика за консолидација, планираното преуредување на фрагментирани парцели и на нивното сопствеништво. Заедничката помош, главно предводена од ЕУ, вклучува две проектни фази: воведување на Националната програма за консолидација на земјиште (MAINLAND) и зајакнување на консолидацијата на земјиштето. Утре, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, евроамбасадорот Дејвид Гир и Набил Ганги, де факто шеф на ФАО во Северна Македонија, ќе ја претстават помошта обезбедена од ЕУ и Обединетите нации за консолидација на земјиштето. -Структурата на земјоделско земјиште од 4 700 хектари ќе се подобри со намалување на фрагментацијата и овозможување зголемување на фармите. Придобивките се повеќекратни за околу 6 300 сопственици на земјиште и земјоделци и вклучуваат подобрена рурална инфраструктура, зајакната економска стабилност поради зголемените приходи на земјоделските стопанства и подобра конкурентност на земјоделскиот сектор. Ова ги прави одржливи и земјоделството и животната средина, наведуваат од Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Во однос на двете проектни фази, Канцеларијата прецизира дека првата е воведување на MAINLAND во вредност од 2,86 милиони евра (од кои 0,36 милиони евра придонес од ФАО) за проценка на изводливоста на консолидација на земјиштето во 14 рурални средини во периодот март 2017 - ноември 2022 година. Притоа, од нив, девет дополнително ги надградиле плановите за прераспределба на земјиштето или за подобрување на земјоделската инфраструктура: Конче (Општина Конче), Егри, Логоварди, Оптичари, Трн (Општина Битола), Дабјани (Општина Долнени), Кожле (Општина Петровец), Соколарци и Спанчево (Општина Чешиново-Облешево). Втората фаза е зајакнување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија вредна 1,2 милиона евра (од кои 0,2 милиона евра придонес на ФАО) за целосна консолидација на земјиштето на Дабјани (Општина Долнени) и Чифлик (Општина Чешиново-Облешево) во текот на периодот август 2022 – јануари 2026 година. мч/са/  

Остани поврзан