• сабота, 23 ноември 2024

Конопиште го одбележува Свети Атанасиј,  посетители од земјава и странство

Конопиште го одбележува Свети Атанасиј,  посетители од земјава и странство

Кавадарци, 31 јануари 2024 (МИА) - Конопиште денеска го одбележува верскиот празник Свети Атанасиј, посетители од земјава и странство престојуваат во селото во подножјето на Кожуф планина. Прослава е организирана во истоимениот манастир. Ктитори на овој верски објект се претставниците на фамилијата Миразови. Деновиве, во близина на  манастирот, поставен е метален крст висок шест ипол и широк четири ипол метри, осветлен, како симбол на верата. 

Вангел Миразов, на возраст од 71 година, раскажа за МИА дека долги години работел во Данска и таму му се сонило и изградил верски објект во селото.

- Околу каменот за кој се верува дека има необична моќ, се имаат свртено за среќа голем број луѓе од различни вери и националности, сподели тој со нас. 

Неговиот татко потекнувал од соседното село Чемерско а тој самиот е роден неготинец, бил скоро педесет  години на работа во Копенхаген. 

Верскиот објект е изграден пред околу 25 години, на темелите на црква која постоела уште во 1601 година, но подоцна била запалена. Миразови нагласија дека сите пари што ги оставаат верниците за здравје и среќа се реинвестираат во верскиот храм. Во близина, на околу половина километар, има самовилска вода за која исто така се верува дека е лековита. 

- По струка сум земјоделски инженер. Десет години во Данска работев во текстилна компанија, триесетина години работев како таксист, појасни тој.  

Миразов кажа  дека  неговата тетка и братучедот му подариле плац во селото, па тој си изградил викендичка. 

- И во Данска сме врзани, што се вели, а и овде влече носталгијата. Децата ми се таму одомени, ние сме една интернационална  фамилија. Зетот Данец, снаата Црногорка. Со сопругата имаме пет внучиња, рече тој. 
 
Беше пријателски расположен и нагласи дека е задоволен од животот. 
 
-Јас си го остварив својот сон. Затоа сум многу среќен, повтори неколку пати. 

Во селото дознавме дека околу каменот се вртеле, дури  и кога немало црква. 

- Овој камен отсекогаш имал некаква моќ, луѓето се вртеле околу него верувајќи дека носи среќа  дури и кога немало црква, се молеле и палеле свеќи, ни објаснија од црковниот одбор. 

Миразов нагласи дека направен е и осветлен земјен пат до крстот долг 450 метри. 

- Во оваа прилика најавувам и посебна атракција што ќе реализираме овде. Бидејќи овој пат зиме е под мраз поради осојот, планираме во зимските денови да биде авантуристичка скијачка патека, сподели тој. 

Своевремено во ова село беше седиштето на тогашната Општина Конопиште, во која влегуваа селата од Поткожувјето. свд/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан