• петок, 08 ноември 2024

Комплетирана македонската Еспорт репрезентација

Комплетирана македонската Еспорт репрезентација
Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Македонската Еспорт репрезентација доби комплетен состав за учество на претстојното Светското првенство во Израел во четири дисциплини: CS:GO, Dota2, PES21 и Tekken7. Шестата сезона од Прва Македонска Еспорт Лига се одржа во јуни и јули 2021 година. Државното првенство во еспорт, препознатливо под насловот „Скопје ОПЕН“, беше поддржано и помогнато од Град Скопје. Македонската Еспорт Федерација, во соработка со Еспортс.мк, го организираше националното еспорт првенство и квалификации за учество на Светското Првенство во еспорт, кое годинава ќе се одржи во Израел. Се играше во четири дисциплини во кои се избраа и победниците: - DOTA2: Blade Esports - CS:GO: GOOD GAME - PES21: Давид Гаревски - Tekken7: Стефан Глигоров Првото место во Dota2 заслужено го освои тимот BLADE Esports кој во финалето ги порази CRYSIS со 2:0 во мечеви. Во оваа дисциплина се натпреваруваа осум официјални македонски тимови. Игор “Stojkov” Стојков, во моментов е рангиран на 48-мо место по MMR во Европа и доминираше за време на двата меча. Во CS:GO, тимот Good Game успеа да ја освои титулата победувајќи го охридскиот тим ЕNTITY со 2:1 во мечеви. Станува збор за два тима со вистинско еспорт „педигре“, со искуство на меѓународни натпревари и затоа беше повеќе од јасно дека нивната борба за пласман во Изарел ќе биде жестока. Првото место во дигиталниот фудбал PES21 повторно го освои повеќекратниот победник Давид Гаревски, кој во финалето се соочи со Јакуп Максути. Беа одиграни два меча со резултат 5:4 и 5:2 во корист на Гаревски, обезбедувајќи си го пласманот во Израел. Виртуелните боречки вештини втора година се дел од официјалните натпревари. Најподготвен беше Стефан “Rogue_Identity” Глигоров, кој го совлада Симеон “RFD_Spades” Двојаков. Досега наши учесници биле дел од 11 светски првенства. зс/

Остани поврзан