• петок, 05 декември 2025

Комесар за човекови права на СЕ: Судирот во Газа достигна катастрофални размери

Комесар за човекови права на СЕ: Судирот во Газа достигна катастрофални размери

Стразбур, 12 август 2025 (МИА) – Комесарот за човекови права на Советот на Европа (СЕ) Мајкл О’Флаерти денеска изјави дека судирот во Појасот Газа достигнал катастрофални размери и ја нагласи важноста од примена на правните стандарди за да се спречи одобрување на трансфер на оружје таму каде што постои ризик тоа да се искористи за кршење на човековите права.

Како што соопшти СЕ, О’Флаерти истакна дека разговарал со земјите-членки на Советот на Европа за нивните обврски во рамките на меѓународната трговија со оружје, со цел да се осигура дека нивните постапки не придонесуваат за нарушување на човековите права.

„Забележувам чекори на одредени земји-членки да го запрат или ограничат трансферот на оружје кон Израел, вклучувајќи ја и Германија минатата недела. Го ценам значајниот придонес на некои национални институции за човекови права во подигањето на свеста и во повикувањето на своите влади да ги почитуваат обврските во оваа област“, рече О’Флаерти, додавајќи дека е потребно да се направи повеќе – и тоа без одлагање.

Тој нагласи дека судирот во Газа и понатаму предизвикува огромно човечко страдање и повтори апел до земјите-членки на СЕ да преземат сè што е во нивна моќ за да спречат прекршувања на човековите права и хуманитарното право во рамките на конфликтот.

„Тоа вклучува примена на постојните правни стандарди за да се гарантира дека трансфер на оружје нема да биде одобрен каде што постои ризик од негова злоупотреба за кршење на човековите права“, се наведува во соопштението.

О’Флаерти оцени дека е неопходно да се интензивираат напорите за помош на оние што се погодени од судирот, преку поддршка за обезбедување непречен пристап на хуманитарната помош и инсистирање на итно ослободување на заложниците. ссм/

фото: ДПА архива

Остани поврзан