• среда, 17 декември 2025

Комерцијална банка ги намалува надоместоците за платежни услуги

Комерцијална банка ги намалува надоместоците за платежни услуги

Скопје, 1 август 2025 (МИА) - Комерцијална банка соопшти дека ги намалува надоместоците за физички лица и до 66 проценти, а дел од нив ќе бидат целосно укинати. Одлуката ќе почне да се применува од 1 октомври. 

- Со овие измени Комерцијална банка значајно го олеснува користењето платежни сметки, банкарски картички и електронско банкарство, како и вршењето трансфери на средства, велат од банката.

Кредитните трансфери во интерниот платен промет кон платежни сметки на физички лица преку електронско банкарство (Интернет банка и мБанка) и натаму остануваат без надомест, а отсега без надомест ќе бидат и трансферите преку електронско банкарство кон платежни сметки на правни лица во Банката. Се укинува и надоместокот за повлекување готовина од платежна сметка во девизи и од неорочени штедни депозити во девизи на резиденти физички лица.

Со новите услови наместо досегашните три, физичките лица месечно ќе имаат 10 бесплатни проверки на состојба со дебитна картичка на банкомат.

Стандардните дебитни картички за приматели на плата и пензија и натаму остануваат без надомест, а водењето платежна сметка за физички лица, како и до сега, ќе се наплаќа само доколку клиентот има активност во тековниот месец.

До 66 проценти ќе се намалат и голем број од надоместоците за платежни услуги за физички лица.

Банката исто така донела и одлука за укинување на надоместокот за кредитни трансфери од сметки на правни лица кон други сметки во Банката, извршени преку електронското банкарство.

Извршени се и намалувања на надоместоците за кредитни трансфери од сметки на правни лица кон сметки во други банки преку платните системи КИБС и МИПС, со намалување и до 30 проценти на трансферите извршени преку електронското банкарство.

Намалувањето следува по повикот од гувернерот Трајко Славески банките да ги намалат надоемстоците што ги наплатуваат за платежни услуги. бак/са/

Фото: Комерцијална банка

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан