• четврток, 04 декември 2025

Комбајни, котли и свеќи од гробишта меѓу причините за пожарите во Турција; 23 лица осомничени за 61 шумски пожар

Комбајни, котли и свеќи од гробишта меѓу причините за пожарите во Турција; 23 лица осомничени за 61 шумски пожар

Анкара, 23 јули 2025 (МИА) – Искри од комбајн, употреба на машини за бали и запалена свеќа на гроб се меѓу причините за 61 шумски пожар што избувнаа во Турција во периодот од 4 до 22 јули, соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на својот Фејсбук профил. Пожарите уништија илјадници хектари шума, предизвикаа поголема евакуација на население и загрозување на животински парк.

– Од вкупно 61 пожар, во 23 случаи се утврдени сторители. Четворица се во притвор, а 19 лица се со мерки за судски надзор, соопшти Јерликаја.

– Во Беликесир, пожарите од 7 и 11 јули биле предизвикани од искри од комбајн, за што се осомничени тројца – еден во притвор, двајца под надзор. Слична причина е утврдена и кај пожарите во Ушак и Кјутахија.

– Во Билеџик, на 20 јули, двајца се повикани на одговорност поради пожар предизвикан при жетва со комбајн, од кои едно лице е во притвор. Во истата област, и во Болу, пожари биле запалени од машина за бали, при што осомничените се ослободени под судски надзор.

– На 13 јули, во Тунџели пожарот избил поради запалена свеќа на гроб – мажот користел оган за верски ритуал, при што пожарот се проширил по сувата трева; осомничениот е под судски надзор.

– Во Ескишехир (4 јули), пожари почнале поради сечење дрва; двајца се осомничени и се на мерки за надзор. Во Хатај (5 јули) е уапсено едно лице, а во Текирдаг (11 јули) — уште едно лице е под надзор. Во Киркларели (12 јули), пожар бил предизвикан од мотор на возило, при што осомничениот е под судски надзор.

– Во Конија (14 јули), маж кој сакал да вари чај запалил пожар кој траел два дена; и тој е под судски надзор. Во Маниса (15 јули) избувнале два пожари – еден од искри од косачка, другиот предизвикан со заварување, при што сторителот е задржан.

Пожарите го потенцираат значењето на безбедноста при земјоделски активности и употребата на отворен оган во шумски и рурални региони. ссм/

фото: архива

Остани поврзан