• сабота, 25 јануари 2025

Колумбискиот претседател самиот си даде овластувања да воспостави ред во регионот Кататумбо, каде се водат меѓугерилски борби

Колумбискиот претседател самиот си даде овластувања да воспостави ред во регионот Кататумбо, каде се водат меѓугерилски борби

Богота, 24 јануари 2025 (МИА) - Колумбискиот претседател Густаво Петро денеска издаде декрет со кој самиот си даде итни овластувања да го врати редот и мирот во регионот каде што се одгледува кока на границата со Венецуела, што во последните денови е погоден од насилство од поголеми размери во конфликтот за територија меѓу бунтовничките групи.

Декретот му дава овластување во следните до 270 дена да воведува полициски час, да го ограничува движењето и да преземе други чекори кои инаку би ги прекршиле граѓанските права на Колумбијците или би барале одобрение од Конгресот.

Ова се однесува само на руралниот регион Кататумбо, каде што во изминатата недела беа убиени најмалку 80 лица и 36.000 раселени со разгорувањето на борбите меѓу ривалската Ослободителна национална армија (ЕЛН) и Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК).

ЕЛН традиционално е доминантен во Кататумбо, но почна да го губи влијанието од ФАРК, герилската група која се распадна по потпишувањето на мировниот договор со владата во 2016 година.

Претходно неделава, Петро ги реактивираше налозите за апсење за 31 највисок командант на ЕЛН, кои беа суспендирани како дел од напорите овие бунтовници, поттикнати од кубанската револуција, да ги наведе на мировен договор за ставање крај на 60-годишната војна против државата.

Конфликтот се шири преку границата во Венецуела, каде што некои од оние што бегаат од насилството побараа засолниште.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан