• недела, 22 декември 2024

Колоски: Македонската дијаспора е клучен партнер со татковината, целта е да стане уште поголем инвеститор

Колоски: Македонската дијаспора е клучен партнер со татковината, целта е да стане уште поголем инвеститор

Скопје, 20 јули 2023 (МИА) - Македонската дијаспора е клучниот партнер со татковината. Речиси 18 до 20 проценти од БДП доаѓа од дијаспората и целта е македонската дијаспора да стане уште поголем инвеститор, не само во давање средства на роднини и пријатели, туку и за инвестирање во локалното општество, посочи Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

Тој на денешната прес-конференција пред почетокот првиот македонски симпозиум и практики на  ОМД во Скопје рече дека нивна цел и мисија е обединување на македонската дијаспора.

-Целта е што повеќе да се прошири мрежата на ОМД низ цела Македонија, оти сепак македонската дијаспора е клучниот партнер со татковината, 18 до 20 проценти од БДП доаѓа од дијаспората така  што сакаме што повеќе тоа да се зголемува и македонската дијаспора да стане уште поголем инвеститор, не само во давање средства на роднини и пријатели, туку и инвестирање во локалното општество, рече Колоски.

Спомена неколку проекти на кои работат меѓу кои зголемување на Групата за пријателства на Македонија во конгресот на Америка, но исто така и во Собранието во Канада, во Австралија.

Како што наведе, повторно ќе имаат неколку резолуции во Конгресот каде што ќе се одбележува септември како месец на Македонците - Американци, Македонци - Канаѓани, Македонци -Австралијани.

-Тоа е месец одбран токму поради Денот на независноста, 8-ми Септември. Но и повеќето македонски фестивали во дијаспората се случваат токму во тој период, додаде Колоски.

Тој потсети дека минатата година ОМД обезбеди донација од над 500 илјади долари медицинска опрема за Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје и најави дека оваа година ќе достават слична донација со медицинска опрема во Битолската болница.

-Мораме што повеќе да инвестираме во образованието, културата и здравството, рече Колоски.

Гордан Јорданов, директор на ОМД за Македонија, соопшти дека на симпозиумот ќе бидат претставени теми за младите, жените, руралните средини, потенцијалите на државата...

-ОМД симпозиумот ќе претстави неколку теми, каде што ќе пробаме да дадеме акцент на младите, на жените и како треба да се постапува со нив и како Македонија да ја направиме поубава држава заедно со сите млади. Ќе спомнеме за руралните средини и потенцијалите кои што Македонија ги нуди со сите свои природни убавини, како и неколку други теми за тоа каде се наоѓаме како држава на глобално ниво, но исто така и сите начини за едукација, инвестиции и пензионирање во Македонија, рече Јорданов. 

Дел од симпозиумот, како што најави, ќе биде и промоција на книги од членови од дијаспората, како и  завршен настан за Програмата наменета за студенти „Родум од Македонија“, во која оваа година учествуваат 11 студенти од Америка, Канада, Австралија и Босна и Херцеговина.  

Александар Митрески, еден од основачите на ОМД, на прес-конференцијата се осврна  на прашањето за уставните измени и истакна дека  не им пречи да се промени  нашиот Устав,  но, како што рече, под важен услов истото да се случи со воспоставување на реципроцитет и да се промени Уставот на Бугарија, со внесување на македонското малцинство. 

На симпозиумот на ОМД  се најавени обраќања и на претседателот Стево Пендаровски како и поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов.бт/сан/

фото:МИА

 

Остани поврзан