• петок, 22 ноември 2024

КОВЗРГ одбележа 80 години од формирањето на Верското поверенство, присуствуваа сите поглавари на црквите и верските заедници

КОВЗРГ одбележа 80 години од формирањето на Верското поверенство, присуствуваа сите поглавари на црквите и верските заедници

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) - Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОВЗРГ) денеска одржа Свечена академија по повод 80 години од формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб на народно-ослободителната војска и партизанските одреди на земјава. На настанот особено внимание привлече присуството на сите поглавари на црквите и верските заедници во државата.

Директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски, во изјава за МИА, истакна дека 80 години по формирањето на Верското поверенство при Народно ослободителната војска и Партизанските одреди се потсетуваме на тој исклучително важен чекор, чекор кој е прв во една низа дејствија и процеси коишто следат после тоа, а резултираат со оформување на еден од значајните столбови на државноста на земјава.

-Имено од ова верско поверенство се зајакнува првата власт на првата ослободена територија на Македонија во време на Втората светска војна. Од Верското поверенство излегува и денешната комисија за односи со верските заедници кој е еден од најстарите органи на државна управа, но и произлегуваат сите иницијативи кои значат денес, автокефална Македонска православна црква, возобновената наша древна катедра Охридска архиепископија, но и целокупниот модел на односите на современата македонска држава со сите верски субјекти во државата поставени на една квалитетна основа, онака како што и доликува на секоја современа и демократска држава, посочи директорот на КОВЗРГ.

Тој изрази особено задоволство од присуството на сите поглавари на црквите и верските заедници во државата.

-Таа слика на единство во прославувањето на значајните датуми сметам дека е и една водилка за иднината затоа што само така, на тој начин ние заслужуваме да кажеме дека почнува да созрева државноста на нашите институции, нагласи Сотировски.

На Свечената академија, со свои говори обраќање имаа Александар Литовски од Институтот за национална историја, деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Дејан Борисов, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. Стефан, како и домаќинот на настанот, директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски, а целата програма беше разубавена и со музички точки.

Како што велат од КОВЗРГ, создавањето на Верското поверенство се смета за одлучен и одлучувачки чокор во стекнувањето на целосна слобода на земјава, прекинување на туѓите јурисдикции и пропаганди и создавање на долгоочекуваните услови за обновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, како и увертира во формирањето на Комисијата за односи со верските заедници во 1945 година веднаш по ослободувањето, со што се поставуваат и уредуваат односите на македонската држава со сите верски субјекти. сх/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан