Мицкоски: Обезбедивме од ОКТА попуст за дополнителен период, за бензините треба да имаме и поевтина цена, а за дизелот не би требало да има покачување
- -Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволно количини, тука не треба да имаме никакви стравувања, зголемена е потрошувачката, од 1,5 милион литри на ден, на два милиони литри на ден. Имаме притисок на одредени погранични места, ја продолживме и мерката 18 на 10 проценти ДДВ, се со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисите, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посета на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде беа пуштени во употреба шест операциони сали кои се дел од проектот за реконструкција.
Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека имаме стабилни количини на гориво и не треба да има никакви стравувања, иако потрошувачката е зголемена на дневна основа, заради притисокот на одрдени погранични места.
-Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволно количини, тука не треба да имаме никакви стравувања, зголемена е потрошувачката, од 1,5 милион литри на ден, на два милиони литри на ден. Имаме притисок на одредени погранични места, ја продолживме и мерката 18 на 10 проценти ДДВ, се со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисите, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посета на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде беа пуштени во употреба шест комплетно реновирани операциони сали.
Тој повтори дека со вчерашната одлука на Влада овозможиле Регулаторната комисија да ги намали акцизите за дизелот 4 денари по литар, а за бензините два денари по литар.
-Исто така, во разговор со ОКТА, лично разговарав и со раководството на Хеленик петролеум во Атина но и со раководството на ОКТА тука во Скопје, и успеавме да обезбедиме дополнителен период од еден месец за оние три денари за литар дизел и два денари за безоловен. Кога сето ова ќе се стави во функција, тогаш за бензините треба да имаме и поевтина цена од таа којашто е сега, а за дизел горивата не би требало да имаме на одредени бензиски пумпи покачување и покрај тоа што имаме сериозна предизвикувачка состојба во државата, но и насекаде во светот, рече Мицкоски, во одговор на прашањето каков ефект очекува со намалувањето на акцизите на горивата.
Премиерот кажа дека она што претставува цел на Владата е да бидеме фактор на стабилност.
-И тоа го правиме, онаа Македонија којашто коленичеше и молеше повеќе не постои, сега имаме Македонија која што помага, од која што бараат помош, која што рефлектира стабилност во регионот, зрелост, и на тој начин ќе се однесуваме како влада и во иднина и ќе ја следиме состојбата. Утринава откако стартуваа берзите на исток постепено продуктите ја намалуваат својата цена, но да видиме како ќе затвори денот и да видиме како ќе затвори неделата, за да можеме да имаме некаков репер околу берзите, да знаеме какви ќе бидат цените на дизел горивото и безоловниот бензин 95 и 98 октански, рече Мицкоски. нд/вг/
Фото: МИА