• петок, 22 ноември 2024

Ковачки: Виктор Димовски не заслужува да биде амбасадор во Франција

Ковачки: Виктор Димовски не заслужува да биде амбасадор во Франција
12 ноември 2022 
Директорот на АНБ, Виктор Димовски не заслужува да биде амбасадор во Франција.
Македонската јавност само во изминатиот месец неколку пати беше запознаена дека Агенцијата за национална безбедност е ставена во целосна функција на криминалот и на партиите СДС и ДУИ.
Од најавените реформи во безбедносниот сектор добивме партиска надградба и франкештајнизација на истиот.
Трагедија е за една држава која претендира да биде демократска, да дозволи самоволието, неспособноста и сомнежите за криминализираност на директорот на Агенцијата, Виктор Димовски да бидат фактори од кои ќе зависи националната безбедност, но и меѓународниот углед на државата.
Последниот скандал со изработка на позитивна проверка за лице за добивање државјанство, а кое било барано со потерница и е ставено на црна листа на стратешкиот сојузник - САД, само потврдува дека АНБ е во целосен нокаут и дека криминалот е длабоко навлезен во структурите.
Очигледно е дека кога се пари во прашање, за раководството во АНБ не постои Закон и процедура која не може да ја заобиколи, притоа не водејќи сметка за штетата на меѓународниот углед кој и' го нанесува на најмладата НАТО членка.
Не само што не се способни цели 2 недели да откријат лажен дојавувач за бомби во училиштата, не само што рекордно во рок од 2-3 дена прават безбедносни проверки за лица кои се вработуваат по партиски клуч (случај Бесмира Ејупи), туку целиот свој фокус го имаат ставено на електронско и физичко следење и документирање на опозицијата, а се' со цел опстојување на власт на најкорумпираната и неспособна власт во историјата на независна Македонија.
*После скандалите што се случија во Агенцијата за национална безбедност којашто ја предводи партискиот кадар Виктор Димовски и кого МНР го предложи за Амбасадор во Франција, мора да има преиспитување на оваа одлука и истата да биде повлечена.
Мора да се стави крај на наградувањето на структурите кои работат исклучиво за партиски и криминални потреби, а на штета на националниот углед и интереси.
Доколку МНР не ја повлече одлуката за номинирање на се' уште актуелниот директор на АНБ за амбасадор во Франција, на потег ќе биде претседателот Пендаровски.
Барем еднаш нека се одважи и нека не биде партиски извршител, односно нека не го потпишува Указот за лице кое и' нанесува срам на Македонија.
Ова дополнително и поради фактот што истото лице беше споменато во Викиликс дека е "во џебот" на една соседна држава што не е членка на НАТО.
Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ____________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан