• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Финалниот резултат од разговорите ќе го знаеме по завршувањето на партиските состаноци во СДСМ и во Алијанса

Ковачевски: Финалниот резултат од разговорите ќе го знаеме по завршувањето на партиските состаноци во СДСМ и во Алијанса

Скопје, 9 февруари 2023 (МИА) – Финалниот резултат од разговорите за влез на Алијанса во Владата ќе може да го знаеме вечерва по завршувања на партиските состаноци во СДСМ и во Алијанса. За одлуката на Алтернатива не можам да коментирам. Вратата останува отворена, бидејќи тие се дел од Владата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Прашан до каде се преговорите влез на Алијанса за Албанците во Влада и дали Алтернатива останува во Влада или не, Ковачевски посочи дека денеска имаат седница на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, каде работната група ќе поднесе извештај од преговорите кои што се водени.

-Тие во изминатиот период имаа интензивни состаноци со нивните колеги од Алијанса за Албанците. Исто така, имаа состаноци и со други политички партии. Јас имав состанок со сите претседатели на политичките партии од коалицијата, а исто така имав состанок и со претседателот на Алтернатива. Интенцијата е зголемување на мнозинството, кое што е апсолутно за европска интеграција на Северна Македонија, нагласи Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Варус бионика фармацеутикалс“.  

Во однос на Алтернатива, Ковачевски, рече дека сакаат да остане како дел од парламентарното и владиното мнозинство, посочувајќи дека со оглед на тоа, дека се разговара за влез на нов партнер во владината коалиција, што значи зголемување на мнозинството и нов распоред на пратеничките мандати, тоа значи дека постојното мнозинство ќе треба да направи одредени прилагодувања со цел да може да се оствари таа идеја.

-Вратата за Алтернатива останува отворена, бидејќи тие се дел од Владата. Ние сме демократско општество и ниту еден политичар или политичка партија не може на друг политичар или политичка партија да сугерира каква одлука ќе донесе, меѓутоа мојата почит кон политичките партии кои што се дел од владината коалиција, кои што учествуваа во носење на тешките одлуки и за членството во НАТО и за отпочнување на преговорите со ЕУ и за носењето на други законски решенија во однос на унапредувањето на нашето општество, секогаш било, е, и ќе биде на највисоко ниво, изјави Коавечевски. аа/нд/

Остани поврзан