• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на светите браќа

Ковачевски: Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на светите браќа
Скопје, 24 мај 2022 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски упати телеграма со честитки по повод патрониот празник до ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Во телеграмата со честитки по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, на ректорот и на деканите, продеканите, професорите, сенаторите и на сите студенти, премиерот Ковачевски им го честита патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кој е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија како прв државен универзитет во нашата земја.
-Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија како прв државен универзитет во нашата земја. УКИМ ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност и како достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на Светите браќа Кирил и Методиј. За одбележување е посветеноста на УКИМ во негувањето и чувањето, но и на меѓународната афирмација на вредности на македонскиот народ и македонскиот јазик, на нашата историја, литература и култура, како и на културните вредности на сите други етнички заедници во Северна Македонија.  УКИМ е автономен вруток на знаењето, науката и образованието, обезбедува наставна, научна и апликативна дејност во природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки и во уметностите, напиша премиерот Ковачевски во телеграмата со честитки до УКИМ.
Ковачевски посочува дека тој како премиер, и оваа Влада, остануваат посветени на активната поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност.
-Со Колективниот договор за високо образование и наука минатата година го уредивме системот на плати во високото образование и ги оттргнавме неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј! Нека е честит патрониот празник на УКИМ!“, напиша премиерот Ковачевски. дма/

Остани поврзан