• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски: Топланите ќе бидат во функција за загревање на градот

Ковачевски: Топланите ќе бидат во функција за загревање на градот
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) – Се одвиваат преговори помеѓу „Адора“ и ЕСМ, кој треба да го преземе затоплувањето на Скопје, и согласно Законот за енергетика топланите ќе бидат ставени во функција за загревање на градот, изјави  премиерот Димитар Ковачевски на вонредната прес-конференција соопштувајќи ги одлуките за справување со енергетската криза од вечерашната седница на Економско-енергетски совет. Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека државата ќе ги земе топланите согласно член 6 од Законот за енергетика и ќе го плаќа закупот кој следува со методологијата на Регулаторната комисија. Со оглед дека „Адора“ инсистира за продажба на топланите, премиерот посочи  дека продажбата се прави врз основа на постапка. -ЕСМ е државна компанија односно акционерско друштво во државна сопственост и кога ќе бидат спроведени сите постапки за купување на одреден инвестициски објект, согласно со закон, тогаш ќе може да се влезе во финални преговори, потпишување договор и преземање на сопственоста и управувањето комплетно со топланите, зашто тие се дел од системот на затоплување на градот Скопје, рече премиерот. Појасни дека според законите за енергетика и за управување со кризи ќе се изврши преземање на топланите и затоплување на Скопје со плаќање на сите надоместоци на сопствениот кои следуваат во такви услови. Во однос на преговорите со Србија за гас, рече дека не се работи за купопродажба на гас и дека Србија ќе треба финално да каже што може да реализира од претпоставената конструкција што се прави во однос на размена на гас за електрична енергија. - Ние ги имаме донесено сите одлуки и одобрено меморандум за соработка. Не се работи за купопродажба на гас туку за размена на гас за електрична енергија зашто ние имаме когенеративна централа која работи на гас. Србија има резерви односно складишта на гас кои може да бидат искористени за производство на електрична енергија во нашата централа. Врз основа на договор, кој се преговара и не е се уште финален, зашто од Србија треба да се проверат сите претпоставки за негово успешно реализирање, ќе биде доколку за тоа постојат 100 проценти шанси да биде реализирано. Нашите тимови и во моментов преговараат, ќе продолжат и утре и штом ќе имаме резултат, ќе им биде соопштено на граѓаните, рече Ковачевски. Во однос на денешната презентација на Мицкоски со понуда на контакти за набавка на енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството, премиерот одговори дека опозицискиот лидер внимателно ги следел сите негови прес-конференции и на владиниот економски тим на оваа тема и дека денеска  направил, како што рече, добар сублимат од тоа што тие го имаат кажувано. -Владата донесе конкретни мерки и јас ги повикувам пратениците утре да ги изгласаат законите потребни за непречено снабдување со енергенси на граѓаните, додаде Ковачевски. хс/дма/

Остани поврзан