• четврток, 19 декември 2024

Ковачевски: Секогаш инсистираме и ќе инсистираме на добрососедство и солидарност, никој сам не може ништо

Ковачевски: Секогаш инсистираме и ќе инсистираме на добрососедство и солидарност, никој сам не може ништо

Белград, 3 декември 2022 (МИА) - Премиерите на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, Димитар Ковачевски, Ана Брнабиќ и Дритан Абазовиќ на прашање на Танјуг како го гледаат регионот во 2023 година, изразија очекување дека тој ќе продолжи да покажува единство и солидарност, како и дека ќе се случат важни чекори кои ќе значат целосно нов почеток за Западен Балкан којшто, како што нагласуваат, има што да понуди и на Европа и на светот, јави дописникот на МИА од Белград.

Ковачевски, одговарајќи на прашање на Танјуг, вели дека смета оти оваа година за Северна Македонија ќе биде подобра од 2022 година, но и за регионот, како и дека очекува со веќе докажаната и покажана солидарност, евентуално новите пречки да се надминуваат.

- Никој сам не може ништо, затоа ние секогаш инсистираме и ќе инсистираме на добрососедство и солидарност. Кога човек има пријатели и поддршка, и ако работи напорно, не постои недостижна цел, изјави Ковачевски.

Тој потсети дека сите ќе имаат корист од ефектите од заеднички вложениот труд и од реализираните проекти.

- Како резултат на многубројните договори и меморандуми во рамките на „Отворениот Балкан“, меѓусебната трговија расте, настапуваме заедно со нашата винска и туристичка понуда, поедноставувајќи го пристапот до пазарот на трудот. Очекувам дека тоа ќе биде мотив и други земји од регионот да се приклучат на иницијативата со која Западен Балкан станува европски и отворен во практична смисла на зборот, рече Ковачевски.

На прашањето како го гледа регионот во 2023 година, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија ќе продолжи да биде длабоко посветена на иницијативата „Отворен Балкан“ и на сите други регионални иницијативи и во оваа нова година.

- Со нетрпение очекувам да се воведе електронска идентификација за сите граѓани како дел од иницијативата „Отворен Балкан“ – ИД картички, кои ќе ни овозможат да ги преминуваме границите без никакво задржување, практично да нема граници меѓу нас и да имаме непречен проток на стоки, луѓе, капитал и услуги, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека едвај чека да ги види граничните премини каде ќе има единствена означена лента за камиони и патнички возила од земјите од „Отворен Балкан“.

Таа нагласува дека акцентот го ставила на иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи таа е „наша сопствена, автохтона иницијатива, покрената од нас од регионот“ и изразува искрена надеж дека полека ќе и се придружат и другите партнери од регионот.

Претседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, очекува сите во регионот да бидат помудри и посветени на пријателството и заедништвото, дека меѓусебно ќе се гледаат како пријатели кои ќе градат заедничка иднина за доброто на сите граѓани, а истовремено ќе го зголемат животниот стандард.

Тој додаде дека е неопходно да се промени досегашната практика, дека не смееме да се гледаме како непријатели, туку како пријатели, соседи, луѓе со кои ќе соработуваме, живееме и градиме заедничка иднина.

Абазовиќ нагласи дека навистина верува оти сите во регионот годинава ќе бидат помудри, поодлучни, поправедни и подготвени конечно да напраат исчекор.

Претседателот на Република Српска Милорад Додик на истото прашање на Танјуг одговри дека смета оти настаните од изминатите децении, како и актуелниот конфликт во Источна Европа ќе влијаат на развојот на настаните во регионот и додава дека во такви околности тешко е да се биде оптимист, но и даек нема основа ни за песимизам. об/нд/

Остани поврзан