• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Северна Македонија ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година, со проевропската коалиција и Влада

Ковачевски:  Северна Македонија ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година, со проевропската коалиција и Влада

Скопје, 24 декември 2023 (МИА) - Останувам лидер на европскиот фронт на кој повикавме и не отстапувам од тоа, од таа позиција верувам дека ќе обезбедиме солидна основа, за веќе во следниот мандат забрзано да ги отвораме и затвораме кластерите и поглавјата во текот на преговорите и да ја внесеме земјата во ЕУ до 2030 година, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „ЦИВИЛ МЕДИА. 

Ковачевски истакнува дека „со глас за европскиот фронт граѓаните ќе испратат јасна порака дека не сакаат назад во неизвесност туку сакаат земјата да продолжи напред, по вистинскиот европски пат.

Според Ковачевски, Северна Македонија ќе обезбеди членство во ЕУ со, како што истакнува, проевропска коалиција и Влада чиј премиер ќе биде тој.

-Идниот претседател на државата ќе биде претседателот предложен од СДСМ и коалицијата. На парламентарните избори пак, победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе сум повторно премиер и ќе ја составам наредната проевропска влада. Тоа ќе биде Владата која ќе го обезбеди членството на Северна Македонија на Европската Унија. Тоа е моето ветување, нагласува Ковачевски.

Наредните неколку месеци, подвлегува, се исклучително важен период за земјата. Пред сѐ, мислам дека сѐ уште имаме простор, како политички чинители, тука мислам на политичките партии претставени во Собранието, да ги донесеме потребните одлуки кои ќе ни овозможат продолжување на европскиот пат. Овој парламентарен состав има пратеници кои имаат визија за земјата како прогресивна, развиена демократија, дел од големото европско семејство.

Според Ковачевски, алтернативата на европскиот план и чекори „е изолацијата која ја нуди ДПМНЕ“.

Премиерот истакнува дека по успешно завршениот скрининг, имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за земјите од регионот, е нешто кое што ќе донесе нов импулс и јасно и на дело ќе ја покаже волјата на ЕУ да ја види Северна Македонија како дел од Унијата што поскоро.

-Оваа единствена можност за развој и забрзани реформски процеси, сметам дека ќе даде поттик кај граѓаните да инсистираат да останеме на европскиот пат, бидејќи исто како што сум јас убеден, верувам дека и граѓаните се убедени дека ЕУ е нашата единствена алтернатива. Ние таму припаѓаме, и природно, и вредносно. Сите ние се стремиме кон врвна демократија, социјална правда и функционално владеење на правото, подобар животен стандард, подобри и подобро платени работни места, економски развој. Сето ова единствено е можно само со приклучување на тој европски сојуз, кој по членството во НАТО ќе ни обезбеди целосна интеграција на земјата и секако остварување на стратешките цели зацртани уште од независноста, вели Ковачевски. 

Планот за раст, потенцира премиерот, е  најконкретната политичка порака од Европската Унија - дека ја очекува Северна Македонија во европското семејство, во амбициозниот и достижен рок до 2030 година.

-Овој европски инструмент за поддршка на реформите и развојот на Западен Балкан е во висина од 6 милијарди евра, за периодот 2024-2027 година. Се состои од 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра концесиски заеми. И од нив, близу 1 милијарда евра може да користи Република Северна Македонија, вели Ковачевски.

Планот за раст што Европската комисија, појасни, значи конкретна финансиска поддршка за доближување на македонската економија кон нивото на економиите на европските земји и за унапредување на македонскиот животен стандард и квалитет на живот кон европскиот. Односно, нашите граѓани да почувствуваат како е да се биде дел од ЕУ, уште пред зачленувањето во Унијата.

-Првпат имаме резервирани пари за реформи. Првпат ни се отворени можности за вклучување во програми, во коишто не сме биле вклучени досега. Се овозможува на државите од Западен Балкан да се поврзат, преку спроведувањето на реформите по европскиот пат. И многу важно за граѓаните и компаниите, со Планот за раст е овозможен пристап до европскиот заеднички пазар. Што значи дека нашите производи и услуги ќе почнат да се пласираат на Единствениот европски пазар и пред нашето официјално членство во ЕУ. Тоа е пазар од половина милијарда луѓе, што отвора реална шанса за нови вработувања, повисоки плати, професионалност, конкурентност. Го носи напредокот дома, што го посакуваат македонските граѓани, над 30 години од независноста на државата, нагласува премиерот во интервјуто.лв/

фото:МИА архива 

 

Остани поврзан