• понеделник, 06 мај 2024

Ковачевски: На 9 мај ќе ја формираме новата проевропска влада која ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030

Ковачевски: На 9 мај ќе ја формираме новата проевропска влада која ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва на отворањето на промотивна канцеларија на партијата во центарот на Скопје рече дека коалицијата што ќе ја предводи оваа партија ќе слави голема победа и на 24 април на претседателските избори и на 8 мај ќе победи Европскиот блок на чело со СДСМ, а на 9 мај ќе ја формираат новата проевропска влада која ќе обезбеди членство во Европската унија до 2030 година. 

-И како што ветив дека првиот ден по отпочнувањето на работата на техничката Влада дека ќе дојдам на улица Македонија да пијам кафе и го одржав и ова ветување. И тоа нема да биде само едно кафе, ќе бидат многу кафиња, рече Ковачевски.

Додаде дека во оваа канцеларија секој ден ќе можат да доаѓаат граѓани да даваат сугестии и предлози бидејќи сега е периодот кога ја подготвуваат победничката програма за претседателските и за парламентарните избори.

-Вечерва не отвораме само промотивна канцеларија на СДСМ, на Изборна единица еден туку вечерва од победничкито центар, од срцето на Скопје испраќаме порака: Подготвени сме за нова победа. Точно 99 дена до победа на изборите на СДСМ и проевропската коалиција, рече Ковачевски. 

Претседателот на СДСМ повтори дека на изборите на 8 мај ќе има два концепта - изборот се поголеми плати, поголеми пензии, повеќе инвестиции и повеќе пари за граѓаните со СДСМ и со Европскиот фронт или помали палти, работници како евтина работна сила и фрлање пари на споменици и жални врби и криминални проекти со ДПМНЕ. 

-Изборот е извесна европска иднина со СДСМ, безбедност, стабилност, слобода и демократија или изолација уназадување, враќање назад во црното минато, со загрозена слобода на говор и задушена демократија со ДПМНЕ. И убедени сме дека граѓаните ќе ја донесат вистината одлука за нивниот животен стандард и за иднината на државата. Прво затоа што СДСМ има подобар резултат од ДПМНЕ на секое поле, пред се во економијата, платите, пензиите, инвестициите, во меѓународната политика. Нема поле на драстични резултати на нашата влада во споредба со претходната влада на ДПМНЕ и второ, затоа што со СДСМ граѓаните знаат дека земјата има иднина, европска иднина, дека има слобода и демократија. ДПМНЕ нема што да им понуди на граѓаните, со нив нема иднина, а најмалку европска, рече Ковачевски.

Тој зборуваше и за еконоските резултати на неговата влада, потенцирајќи дека ги зголемиле платите и пензиите, дека е обезбедена рекордна поддршка за домашните компании, дека е преполовена невработеноста на 12, 8 проценти и оти идната година невработеноста првпат ќе биде едноцифрена. СДСМ за само три години врати 3,6 милијарди евра назад кај граѓаните со неколку пакети на антикризни мерки.

Зборувајќи за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски, меѓу другото, рече дека тие четири години седеле во Парламентот и блокирале, и на крај, како што кажа, ги изблокирале и своите министри.

- Предложија министри, дремеа во онаа сала и не гласаа, рече претседателот на СДСМ додавајќи дека тоа е партија која не се променила ниту еден милиметар, дека нема програма, политичка идеја, нема став, не знаат за што се залагаат и за се се против. 

На анкетите се покажува, додаде Ковачевски, дека 78 проценти од нашите граѓани не можат да препознаат што е политиката на опозицијата, бидејќи ја нема. Според него, единствена политика која ја има во државата, и за напредна економија, и за европска Македонија и поголема социјална правда и за врвна демократија ја има во нивната коалиција.  

-Се заплеткаа самите и не знаат што да прават со себе, а не да знаат што да прават со државата. А тоа дека не знаат што да прават најдобро го видовме со нивните градоначалници. За две години ниту еден проект не реализираа. Гледаме хаос, меѓутоа она што се случува во Скопје е најголемата катастрофа која му се имало случено во неговата историја. Ова е поголема катастрофа од кога во Скопје имало освојувачи, завојувачи кои го палеле и го грабеле. Никогаш нема да дозволиме да се повтори тоа, затоа што и на локалните избори кои следуваат за две години победник ќе биде нашата коалиција, рече, меѓу другото, Ковачевски. ев/са/

ФОТО: МИА 

Остани поврзан