• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски на Самитот на ЕБРД: Северна Македонија е добра дестинација за странски инвестиции

Ковачевски на Самитот на ЕБРД: Северна Македонија е добра дестинација за странски инвестиции
Скопје, 28 февруари 2022 (МИА) - Северна Македонија е добра дестинација за инвеститорите да ги инвестираат своите пари. Нудиме макроекономска стабилност, две децении имаме стабилна валута, а воедно нудиме и добар атрактивен стимуланс кој важи за сите во земјата, како за странските, така и за домашните инветитори, порача премиерот Димитар Ковачевски на Инвестицискиот самит за Западен Балкан 2022 година, што денеска се одржува во Лондон во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

- Инвеститорите поставуваат две прашања, прво е макроекономската стабилност, а второто е леснотијата на водење бизнис и инфраструктурата што постои во земјата. На првото прашање Северна Македонија на инвеститорите им дава стабилна макроекономска слика, нивото на инвестиции е 60 отсто од БДП, а и Стандард енд Пурс и Фич го потврдија стабилниот рејтинг на земјата и дека има стабилна иднина. Дури и во време на криза растеше вработувањето, а стапката на невработеност се намали. Стапката на инфлација во 2021 и покрај скокот на цената на електричната енергија е на ниско ниво, рече Ковачевски во одговор на прашање на панелот посветен на шесте премиери на земјите од Западен Балкан.  

Премиерот нагласи дека земјава на инвеститорите им дава добар атрактивен стимуланс кој важи за сите во земјата, а тоа, како што рече, се однесува и на инвеститорите кои доаѓаат особено од автомобилската и ИТ индустријата, а ќе имаме стимулација и за другите инвестиции, за индустриската револуција 30 и 40. 

- Нашата валута е стабилна и тоа всушност е столбот на макроекономската политика која со години ја одржуваме. Вака беше и во минатите две децении, а се надевам ќе биде така и во иднина. Важно е и тоа дека имаме рамна стапка на данок од 10 проценти, тоа важи за сите инвеститори, еден од најниските ДДВ од 18 отсто, лесни процедури за отворање на нови бизниси и усвоени прописи за дуално образование. Тоа е многу важно, бидејќи очекуваме голем дел од инвестициите да бидат во работно интензивните индустрии, а тука проблемот е недостатокот на работна сила, па затоа почнавме со дуално образование во повеќе школи во земјата што му помага на човечкиот капитал, но помага и на новите инвеститори да имаат пристап до обучена работна сила, потенцира Ковачевски.  

Предност, како што истакна премиерот, е и фактот на познавањето на јазиците и истата поддршка што им се дава на домашните и странските инвеститори.

- Програмите се многу транспарентни, а поддршката е насочена кон нови вработувања, соработката со домашните изведувачи, поддршка на компаниите кои имаат намера да воведат технолошки подобрувања што значи нова машинерија, нови процеси на спроведување на технологија, зголемување на продуктивноста. Сето тоа всушност создава опкружување во земјата кое што во економска смисла успеа да се добие после првата негативна година од пандемијата, така што во 2021 успеавме да ја подобриме економијата особено во вториот и во другите квартали. Според нашата анализа и анализата на меѓународните финансиски институции 2022 година има позитивен изглед. Од перспектива на стабилност земјата ќе оди натаму. Така што Северна Македонија е дестинација за инвеститорите своите пари да ги инвестираат таму, нагласи Ковачевски.

Како топ приоритети во земјава тој ги истакна програмата за забрзување на инвестициите изработена во 2021 година, подобрувањето на патната и енергетската инфраструктура, инвестициите во здравството и енергетската транзиција. - Имаме подготвено програма за забрзување во 2021 година и имаме еден т.н. сеопфатен документ којшто има механизам за подобрување на инвестициите, зголемување на дигитализацијата и во институциите и кај граѓаните. ЗВо делот на инфраструктурата во овој момент најголеми проекти се поврзувањето на Северна Македонија со Бугарија со патишта и со железница. Поврзување на електричната мрежа со Албанија и гасното поврзување со Грција и инвестиција на компанијата Александропули и Енерџи терминал. Диверзификација на овие ресурси исто така ќе им помогне на другите земји од Западен Балкан, рече Ковачевски. Знаеме, додаде премиерот, дека треба да инвестираме во нашето здравство. - Нашето здравство е спремно за дополнителни финансии, потоа инвестирање во науката и другите индустрии, развојот на софтвер, значи другите индустрии коишто се развиваат во земјата.  Потоа, енергетска трансформација во чиста енергија со имплементирање на фотоволтаици, енергија создадена од ветер – ветерни турбини, нагласи Ковачевски. Претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Одил Рено Басо во обраќањето на конференцијата посочи дека единството е клучно во време кога се случува руско-укринскиот конфликт и додаде дека ЕБРД игра клучна улога во финансирањето на регионот на Западен Балкан. - Западниот Балкан е добро место за инвестирање, а присуството на сите премиери на шесте земји на денешниот настан е силна порака дека се за заедничка соработка и дека нивното место е во Европа. ЕБРД е подготвена да им помогне во тоа и е многу добар партнер за економски развој на регионот на Западен Балкан, а токму наш клучен партнер во тоа е Европската Унија. Годишно во шесте земји од Западен Балкан инвестираме по повеќе од една милијарда евра, рече Рено Басо, на отворањето на Инвестицискиот самит за Западен Балкан што првпат по две години се одржува со физичко присуство во централата на банката во Лондон. Таа нагласи дека главната цел на ЕБРД е зелената транзиција, декарбонизацијата и дигитализацијата на земјите од Западен Балкан и им порача дека во услови на енергетска криза треба повеќе да се насочат кон вградување соларни панели за производство на чиста електрична енергија. - Ќе продолжиме со создавањето поволна бизнис клима во Западен Балкан, потенцира Рено Басо и додаде дека во скоро време ќе ги посети сите шест земји од Западен Балкан. Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји нагласи дека денеска може да се заклучи дека како никогаш порано не била толку значајна сигурноста, стабилноста и мирот во Западен Балкан и додаде дека денешниот настан е особено значаен за, како што рече, заедно да работиме во таа насока. - ЕБРД е клучен партнер на Западен Балкан и веќе има вложено околу 8,3 милијарди евра во вкупно 67 проекти во сите шест земји од Западен Балкан во областа на дигитализација, енергетика, животна средина, транспорт,... ЕБРД ќе остане клучен партнер и во иднина. Во октомври 2020 година создадовме проект за да им се помогне на земјите од Западен Балкан во услови на пандемија и да го надминат јазот со земјите од Европската Унија. Се надеваме дека и денешната иницијатива ќе го подобри овој процес, рече Вархеји. Тој најави дека во следните неколку години во земјите од Западен Балкан се планира да се вложат околу 30 милијарди евра, што, како што рече, е повеќе од една третина од вкупниот годишен буџет на шесте земји. - Ќе им помогнеме да ги надминат проблемите со енергетската криза и снабдувањето со енергенси и со тоа ќе овозможиме младите да останат во регионот. Нашиот план за инвестиции е за развој на регионот на Западен Балкан, а без регионална соработка тоа не може да се постигне. Најважна е регионалната соработка. Западен Балкан природно и припаѓа на Европа и ќе помогнеме колку што можеме за што побрзо тоа да стане реалност, вети Вархеји. вј/см/ https://www.youtube.com/watch?v=ZIDFiENK3V4

Остани поврзан