• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: На претстојните избори имаме само една шанса да го избереме правецот на државата

Ковачевски: На претстојните  избори имаме само една шанса да го избереме правецот на државата

Скопје, 3 март 2024 (МИА) - СДСМ вечерва на конгрес ја официјализира кандидатурата на Стево Пендаровски за втор претседателски мандат. 

На граѓаните не им треба претседател кој ќе кочи државата туку претседател со јасна европска визија кој ќе турка напред по вистинскиот пат, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, барајќи ја поддршката за Пендаровски. Тој оцени дека Пендаровски има јасна визија за просперитет на државата и за нејзина интеграција во Европската унија.

-Во досегашниот мандат покажа што значи да се биде претседател за сите. Во неговиот мандат земјата стана членка на НАТО, сега во вториот мандат да стане членка на ЕУ, рече Ковачевски. 

Истакна дека денеска се собрани над 20.000 потписи за кандидатурата на Пендаровски за претстојните избори и оцени дека ги демантирале сите критичари и скептици кои сметаат дека СДСМ не е најдобрата опција за државата. 

-На овој начин најдобро се потврди она што го говорам две години, дека најсилната, најголема и партија која има најголема организациска способност во државата е СДСМ, рече Ковачевски.

На претстојните претседателски и парламентарни избори, посочи,  имаме само една шанса да го избереме правецот на државата, дали ќе продолжиме напред кон ЕУ или ќе се вратиме назад во изолација.

-ДПМНЕ нуди само кризи, реваншизам и изолација, да бидеме заглавени нови изгубени години, статус-кво, без промени, без напредок, без иднина. СДСМ е единствената која нуди реална надеж за подобро утре, за сигурна европска иднина, рече Ковачевски.

Тој истакна дека вечерва се носи крупна одлука, како што нагласи, да продолжиме по зацртаниот пат, по автопатот на прогресот, по стратешките цели на партијата и државата.

- Носиме одлука на кој начин, со кого, ќе се бориме, сите заедно, за да државата остане стабилна, одржлива, прогресивна, наведе Ковачевски.

Покажавме, посочи Ковачевски, дека социјалдемократијата е повеќе од идеологија и е единствен начин како општеството и државата да се подобрат и да обезбедат прогрес и просперитет.

-Се сретнавме со пандемија, а потоа и со војна не така далеку од нас, се сретнавме и живееме во економска и енергетска криза и одеднаш, сфативме дека не само што социјалдемократијата и нејзините вредности се живи, туку се и неопходни за државата и граѓаните. Социјалдемократските политики беа оние кои помогнаа земјата да се справи со сите предизвици кои ги донесоа овие кризи. Социјалдемократијата и СДСМ беа оние кои ги заштитија граѓаните, кои буквално ја спасија земјата од колапс. Солидарноста, еднаквоста и хуманоста, социјалната држава и правда се оние кои помогнаа да се извлечеме од хаосот кои го носеа кризите, и овозможија да одиме напред и да постигнеме одлични резултати, рече Ковачевски. 

Конгресот продолжува со обраќање на Пендаровски. Откако завчера ја најави и официјално кандидатурата за претседател на државата, Пендаровски денеска ги обезбеди и потребните 10 000 потписи за граѓанската кандидатура, кои како што информираше неговиот Кабинет, се собрани  за неполни пет часа. ра/лв/

фото:СДСМ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан