• недела, 22 декември 2024

Ковачевски на Глобсек форумот во Братислава:  Обединета Европа е единствениот одговор за справување со кризите и предизвиците

Ковачевски на Глобсек форумот во Братислава:  Обединета Европа е единствениот одговор за справување со кризите и предизвиците

Братислава, 31 мај 2023 (МИА) - Обединета Европа е единствениот одговор кон справување со кризите и кон справување со предизвиците кои произлегуваат од оваа војна која се води и која има негативни ефекти и врз економијата и врз енергетиката, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од Братислава, каде учествува на Глобалниот безбедносен форум Глобсек 2023. 

Ковачевски нагласи дека Конференцијата, на која учествуваат претставници од над 65 земји, се одржува во критичен момент за европскиот континент, во време на безбедносни и многу други предизвици кои произлегуваат од војната во Украина, која, како што рече, е надоврзана со економска, енергетска, но и демократска вредносна криза во голем дел од Европа. 

- Очекувам да разговараме за тековните предизвици и начините на кои се справуваме со кризата, потоа за важноста Европа да остане обединета, бидејќи само обединета Европа може да даде поддршка на борбата на украинскиот народ за своја независност и за свое самоопределување. Меѓутоа, исто така, обединета Европа е единствениот одговор кон справување со кризите и кон справување со предизвиците кои произлегуваат од оваа војна која се води и која има негативни ефекти и врз економијата и врз енергетиката, изјави Ковачевски. 

Како одговорен дел од меѓународната заедница, членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ и земја со започнати преговори за членство во ЕУ, Ковачевски нагласи дека, имаме обврска и должност активно да учествуваме со свој придонес кон колективната одговорност за мирот, за градење на демократијата и човековите права, како и за негувањето на добрососедските односи, бидејќи единствено така може да имаме стабилен и економски силен регион и  Европа во целина.

- Приликите кои се случија на европскиот континент го променија светот неповратно во текот на изминатата година и половина. Тоа беше сигнал за Владите дека ако сакаме да ја добиеме оваа битка во економска и енергетска смисла мора да направиме многу, да дејствуваме итно, но да бидеме солидарни, сплотени и да делуваме и дејствуваме заедно. Само така, може и успеавме во текот на изминатата практично тешка зима да се справиме и со енергетската и со економската криза и да обезбедиме за нашите граѓани непречено снабдување и со енергенси, електрична енергија и храна и да обезбедиме доволно финансиски средства во буџетот за да можат да бидат финансирани сите функции во државата непречено, порача Ковачевски.

Ковачевски, заедно со албанскиот премиер Еди Рама, ќе се обрати на панел сесија на тема „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“, на кој, како што рече, ќе разговараат за важноста на регионалната соработка, предизвиците кои ги имаме, но пред се можностите кои што ги имаат земјите од ЗБ преку иницијативата ОБ, преку Берлинскиот процес и секако преку брзото пристапување во ЕУ. 

- На панелот заедно со Рама ќе зборуваме и за практичните аспекти на соработката во рамки на иницијативата Отворен Балкан, за ефектите кои таа ги има на економската размена меѓу трите држави, која е исклучително зголемена во изминатите две години. Исто така ќе разговараме за безбедносниот контекст кој произлегува од војната во Украина меѓутоа секако и за случувањата во нашиот регион. Нормално дека ќе повикаме на смирување на сите тензии и на воспоставување на дијалог кој е единствениот начин за повторно да имаме мир во Европа и економски просперитет како пред оваа војна, изјави Ковачевски. 

Во текот на денот, Ковачевски посочи дека ќе има билатерална средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на којашто, како што рече, ќе разговараат за важни теми кои што се врзани за нашето зачленување кон ЕУ, секако и за билатералната соработка која ја имаме со Франција од првиот ден од нашата независност. 

Ковачевски, вчера во рамки на форумот имаше средба и со специјалниот претставник на ЕУ задолжен за дијалогот Белград - Приштина, Мирослав Лајчак.

На Форумот, учествуваат шефови на држави и влади од Европа и светот, како и претставници на најзначајните и највлијателни меѓународни организации. Во фокус на дискусиите на претстојниот Форум се три теми - натамошната поддршка за Украина, отпорноста на Европа наспроти војната, како и ублажувањето на глобалните последици од конфликтот преку зајакнување на економските и енергетските врски.

Безбедносниот форум Глобсек е етаблиран како најистакната платформа низ регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Овогодишното, 18-то издание на Форумот, има за цел да потсети светот дека овој регион никогаш не бил поклучен во обезбедување на глобалната стабилност. аа/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан