• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски за писмото на Заев: Во демократија секој има право на став, а САД црната листа ја пополнуваат според сопствени информации и процедури

Ковачевски за писмото на Заев: Во демократија секој има право на став,  а САД црната листа ја пополнуваат според сопствени информации и процедури

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни така што не би можел да дадам дополнителни коментари, вели премиерот Димитар Ковачевски во однос на писмото што поранешниот премиер Зоран Заев го испрати по одлуката на САД да го стави поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа. 

- САД се наш стратешки партнер и тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури што се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам ниту, пак, имам информации. Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни, така што не би можел да дадам дополнителни коментари. Сепак, се работи за одлука на САД. Имаше и брифинг од страна на нивниот амбасадор во Скопје, изјави денеска Ковачевски.

Прашан дали има информации кои лица од неговата партија може да се најдат на црната листа на САД, Ковачевски со одговор дека нема да коментира процеси во кои Владата не е вклучена. 

- Не би можел да шпекулирам или да коментирам за процес во којшто Владата на ниту еден начин не е вклучена, така што тоа е прашање што ќе мора да го упатите до оние кои водат такви процеси, а овде се работи за САД. Меѓутоа, Владата во ниту еден момент не е контактирана во однос на ова прашање, рече Ковачевски.

САД го стави поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на црната листа поради вмешаност во значителна корупција. Поточно, како што стои во образложението, тој ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопал довербата на јавноста во владините институции и јавни процеси.

По ставањето на Анѓушев на црната листа на САД, со писмо до јавноста се обрати поранешниот премиер Зоран Заев во кое посочи дека Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе во периодот додека тој бил премиер.

- Без да ја коментирам и да навлегувам во детали за оправданоста на одлуката на Стејт Департментот за забрана за влез во САД на поранешниот Вицепремиер Кочо Анѓушев, само ќе напоменам, како и порано кога сум бил Премиер така и сега, стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено – економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев, наведе Заев во писмото. бак/ац/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан