• четврток, 21 ноември 2024

Ковачевски, Вучиќ и Рама на „Винска визија на Отворен Балкан“ на Саемот за вино во Верона

Ковачевски, Вучиќ и Рама на „Винска визија на Отворен Балкан“ на Саемот за вино во Верона

Скопје, 2 април 2023 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ќе присуствува на 55. меѓународен Саем на вино и алкохолни пијалоци „ВинИтали“, што се одржува во Верона. За време на посетата на Италија, премиерот Ковачевски, ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, со кои ќе остварат трилатерална средба, со фокус на иницијативата Отворен Балкан. По средбата предвидено е да се одржи и прес-конференција, соопшти владината прес-служба. Ковачевски, Вучиќ и Рама ќе присуствуваат на презентацијата на вината од трите земји на заедничкиот штанд „Wine vision by Open Balkan“ на саемот „ВинИтали“. Република Северна Македонија на годинашниот Саем на вино и алкохолни пијалоци во Верона учествува со над 60 видови најквалитетно македонско вино, со присуство на 14 македонски винарии и тројца врвни сомелиери. Саемот претставува собир на домашните и меѓународните производители на вино од целиот свет кои сакаат да се претстават на една од најпрестижните светски саемски манифестации посветени на виното и негувањето на винската култура. Саемот воедно ќе биде можност и за увозниците и дистрибутерите на вино да ги запознаат и да остварат соработка со врвни италијански и меѓународни производители на вино, а за љубителите на виното е осмислена и четиридневна манифестација „Vinitaly and the City” во текот на која, на историски локации ширум Верона ќе може да се дегустира и зборува за виното.Под називот „Vinitaly Universe”, организаторите оваа година овозможуваат стручни обуки и тренинзи, учество на натпревари и награди, но и пристап на дигиталната платформа „Vinitaly Plus”, која на учесниците на саемот им овозможува да останат во контакт и по завршувањето на манифестацијата.Минатата година саемот „ВинИтали“ беше домаќин на над 4.500 излагачи од целиот свет, претставени беа повеќе од 15.000 вински етикети од повеќе од 40 земји. Саемот го посетија преку 100.000 љубители на вино и претставници на деловната заедница, од кои над 25.000 купувачи, дистрибутери и увозници од 139 земји. Оваа година се очекува рекорден број на учесници на саемот. вг/са/

 

 

 

Остани поврзан