• вторник, 05 ноември 2024

Коалиција „Менуваме“ бара реверзибилна инклузија и агенција за образовни асистенти за деца со попреченост

Коалиција „Менуваме“ бара реверзибилна инклузија и агенција за образовни асистенти за деца со попреченост

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) - Реверзибилна инклузија и агенција за образовни асистенти за деца со попреченост се предложените мерките од страна на Коалицијата „Менуваме“ за кои, како што информира Суаред Алишан, било разговарано на денешната средба со Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во просториите на МОН.

-Поднесовме предлог нацрт-план прво до УНИЦЕФ, каде што побаравме нивно изјаснување во однос на реверзибилна инклузија, истакна Алишан и појасни дека под реверзибилната инклузија се подразбира постоечките училишта кои што работат со деца со попреченост да останат и понатаму во тој работен однос со проширување на нивните капацитети, со цел и тие да учат со останатите деца, бидејќи програмата за сите е иста.

Алишан, исто така, посочи дека добиле големо разбирање од министерот и дека ќе ја прошират програмата и ќе ја достават во најбрзо време.

-Овој предлог го доставуваме и до Европската делегација и до комитетот за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, каде што бараме и нивно изјаснување, рече Алишан.

Тој нагласи дека второто барање се однесува на образовните асистенти кои што ги користат децата со попреченост во образованието. Коалиција „Менуваме“ бара тие асистенти да не бидат под ресурсните центри, туку да бидат под национална агенција за образовни асистенти од каде што ќе можат најдобро да ја детектираат состојбата и да се надградува самата агенција согласно демографската потреба.

-Досегашните асистенти не ја задоволуваа потребата кај децата бидејќи се случуваше еден асистент да работи со три деца и истовремено да не успее да ја задоволи потребата на децата, со што повторно тие и нивните родители остануваа сами на себе, додаде Алишан.

На прашањето дали има некакви гаранции дека бројот на образовни асистенти ќе порасне за следнава школска година, со оглед на тоа што тој број оваа година е зголемен во однос на минатата, Алишан истакна дека за тоа не добиле одговор, и нагласи дека за да се зголеми бројот потребно е Меѓународна класификација на функционалност (МКФ) да работи навремено. 

-МКФ не може во текот на целата година да ги стави овие лица да чекаат и кога ќе дојде време тие да го поднесат документот за дозвола за асистент, МКФ да не им го овозможи тоа, рече Алишан и додаде дека потребно е МКФ да ги зајакне службите и начинот на закажување за проценување на функционалност на децата со попреченост да не биде директно преку нив, туку преку мој термин, со што лицето ќе си го оствари правото на решение за асистент.

Коалицијата „Менуваме“ на 12 јуни годинава одржа прес-конференција пред Собрание на која ги поздравува предлог законските измени во Собранието и побара лицата со попреченост да бидат дефинирани во Уставот. сан/аа/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан