• четврток, 26 март 2026

Книжевен портрет на авторот Никола Маџиров во Куманово

Книжевен портрет на авторот Никола Маџиров во Куманово

Куманово, 21 мај 2025 (МИА) - Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово вечер со почеток во 19 часот ќе биде одржана литературна вечер посветена на македонскиот автор, поет, есеист и преведувач Никола Маџиров, информираа од установата. Книжевниот портрет на Маџиров ќе го претстави писателката, Оливера Ќорвезироска.

- Настанот е организиран како дел од програмата на установата за афирмација на современото книжевно творештво. Ги покануваме кумановци да присуствуваат, повика стручниот соработник за литературна дејност, Маргица Станисављевиќ Станисављевска.

Маџиров е добитник на престижната меѓународна награда за поезија „Н.К. Казер“, која ја доделува здружението „Литератур Лана“ од Јужен Тирол, Италија. Наградата се доделува на секои две години, а Маџиров е 19-тиот добитник во нејзината 40-годишна историја.

Во образложението се наведува дека „Маџиров спаѓа меѓу највпечатливите гласови на европската поезија. Тој е ретко кревок во својата радикалност, постојано ги преиспитува утврдените нешта, ја руши историјата, ги преминува сегашноста и минатото според законите на сеќавањето кое неуморно талка низ времињата …“.

Никола Маџиров роден во Струмица, е истакнат македонски автор, поет, есеист и преведувач, со плодоносно творечко богатство. Неговото творештво е преведено на најретките јазици во светот, како персиски, хебрејски келтски, каталонски … што укажува дека се работи за исклучителен автор во книжевноста. Маџиров е добитник на повеќе престижни награди како што се европска награда за млад поет „Хуберт Бурда“, 2011 година ја добива светската наградата за книжевност „ДЈС“ во Кина, европската награда „Левир литерер“ во Франција. Во 2016 година ја добил наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ. ам/

Фото НУЦК Плакат

Остани поврзан