• петок, 22 ноември 2024

Книги на Ристо Василевски на пет странски јазици

Книги на Ристо Василевски на пет странски јазици
Скопје, 31 октомври 2021 (МИА) - Во текот на оваа година година објавени се пет книги на македонскиот поет и академик Ристо Василевски на четири странски јазици – словенечки, полски, словачки и српски јазик. Во подготовка е и пред објавување новиот избор од неговата поезија на француски јазик. Како што соопшти „Арка прес“ („Arka press“), на словенечки јазик објавена е книгата на Василевски „Srce kroga“ („Срцето на кругот“). Преводот е на словенечкиот поет и есеист Иван Добник, а издавач книгоиздателството „Hiša poezije“. Книгата е објавена во едицијата „Poetikonove Lire“, заедно со книгите на Велимир Хлебников, Емили Дикинсон, Сен-Џон Перс, П. Б. Шели, В. Б. Јејтс, Чеслав Милош, Џон Ашбери и Константин Кавафи. Во издание на еминентиниот лондонски издавач „KaMPe“, кој објавува книги на англиски и полски јазик, во новопокренатата библиотека „Słowiaňska brosza“ („Словенски брош“), заедно со книгите на Љубомир Левчев од Бугарија и на Енерика Бијач од Хрватска – на над 300 страници, проследени со предговор на преведувачот Ванда Котвич и со обемна био-библиографија на Василевски, во исклучителна опрема објавена е неговата книгa философеми и анотации „Odciski Świadomego“ („Отпечатоци на свесното“). Реномираното српско книгоиздателство „Арка“, пак, на српски јазик ги објави новата книга философеми, афоризми и анотации на Василевски „Кључаоница“ („Клучалка“) и новиот том од неговите „Избрани дела Чаробни ковчежић“ („Волшебно ковчеже“), во кој на над 700 страници е собрано творештвото на Василевски за деца. За оваа книга книгоиздателството „Арка“ доби финансиска поддршка од Министерството за култура. Книгата „Срцето на кругот“ од Василевски на словачки јазик, со препорака на нашиот познат поет Звонко Танески, кој подолго време живее и твори во Словачка ја преведе истакнатата словачка поетеса Катарина Џункова. Преводот на новиот избор од поезијата на француски јазик „Jouer sa Tĕte“ („Играње со главата“) е дело на повеќе истакнати преведувачи. За книгата „Клучалка“ на Василевски за мошне кратко време во српската периодика се појавија над десет прикази и есеи. Во книгата „Волшебно ковчеже“ за творештвото за деца на Василевски со свои осврти се јавуваат најзначајните српски поети и познавачи на литературата за деца: Драган Лукиќ, Лаза Лазиќ, Душко Трифуновиќ, Перо Зубац, Милорад Блечиќ, Воја Марјановиќ, Мошо Одаловиќ, Горан Бабиќ, Јован Љуштановиќ, Ранко Павловиќ, Вера Хорват, Милутин Ѓуричковиќ и др. мд/лв/

Остани поврзан