Книга со пиесата „Двајца во Еден“ од Томислав Османли објавена во Хрватска
- Книга со камерна театарска пиеса „Двајца во Еден“ од Томислав Османли е објавена во во Задар, Хрватска, во превод на писателот Никола Шимиќ Тонин, како заедничко издание на три задарски книгоиздателства: Хрватското книжевно друштво – Задар, Библиотеката Donat и издавачката куќа “ВВВ”.
Скопје, 24 октомври 2025 (МИА) - Книга со камерна театарска пиеса „Двајца во Еден“ од Томислав Османли е објавена во во Задар, Хрватска, во превод на писателот Никола Шимиќ Тонин, како заедничко издание на три задарски книгоиздателства: Хрватското книжевно друштво – Задар, Библиотеката Donat и издавачката куќа “ВВВ”.
Како што информира авторот, пиесата „Двајца во Еден“ е лиричен сценски солилоквиум „за двајца, за кукли и месечина“ и беше поставен на неколку професионални сцени, во Народниот театар во Куманово во режија на Виолета Џолева, во Театарот за деца и млади во режија на Димитрие Османли и во академскиот театар Џон В. Гејнс во Њупорт, Вирџинија, во режија на Наум Пановски.
-Драмата беше објавена во книга во издание на „Ѓурѓа“ пред точно 30 години и го вклучуваше оригиналниот текст на македонски, потоа текстот на англиски во превод на Соња Андонова и – сосем оригинално и за ова време - неговата комплетна стрипувана верзија од цртачкото перо на Александар Сотировски, посочува Османли.
Драмата „Двајца во Еден“ пред неколку години беше објавена и во Србија, на книжевниот портал „Eckermann“, а хрватската е најновата објава на драмскиот текст на Османли. Објавата на пиесата на Османли од Книжевното друштво Задар следува по наградата „Donat“ , највисокото признание на задарската книжевна Асоцијација што пред две години му беше доделено на македонскиот автор. хс/са/
Фото: корица