• понеделник, 23 декември 2024

Кнаус за МИА: Софија ќе сфати дека не може да победи, но за тоа треба време, а Скопје го нема

Кнаус за МИА: Софија ќе сфати дека не може да победи, но за тоа треба време, а Скопје го нема
Скопје, 19 јуни 2022 (МИА) - Не сум оптимист дека Северна Македонија, и покрај напорите на Париз и Берлин да помогнат за тргање на ветото, може да ги почне преговорите со ЕУ на крајот од француското претседателство поради внатрешната ситуација во Бугарија, но и затоа што нема промена во дебатата кај домашната јавност во Бугарија, вели во интервју за МИА австрискиот социолог и претседател на влијателната тинк-тенк организација Европска иницијатива за стабилност Гералд Кнаус. - Според моето искуство од минатото со грчкото вето, со словенечкото вето на времето на Хрватска, клучот за решение е промена во дебатата кај домашната јавност, а јас не гледам дека постои таква промена во моментов во јавниот дискурс во Бугарија. Кај вакви билатерални спорови она што мора да се случи е дека земјата која гo предизвикала мора да сфати дека не може да успее. Грција требаше да сфати дека не може да успее да го промени идентитетот на Македонија со промена на името во Северна Македонија. Всушност Македонија го доби овој спор бидејќи вие имате македонски јазик, македонска нација и Грција мораше да го прифати ова. Словенија сфати дека нема да добие промена на границата со Хрватска како што сакаше и се откажа. Бугарија мора да сфати дека прашањето на бугарското малцинство не е проблем. Вистинскиот проблем е дека вие немате гаранции дури и да постигнете договор за ова, поголемиот проблем е дека Бугарија, односно некои во Бугарија го проблематизираат македонскиот идентитет. Ќе дојде моментот кога Бугарија ќе сфати дека не може да победи. Проблемот е што за ова треба време, а времето е единственото што Македонија го нема, вели Кнаус на прашањето за старт на нашите преговори со ЕУ до крајот на француското претседателство. Според Кнаус, кој е добар познавач на состојбите на Западен Балкан, спорот со Бугарија нема да се реши лесно, Северна Македонија направи се што треба, но, вели, има работи кои не смеат да се компромитираат и во моментов проблемот лежи во Бугарија. Тој смета дека ќе биде лош и опасен преседан за ЕУ ако бугарските барања поврзани со идентитетските одредници влезат во преговарачката рамка за земјава. Северна Македонија дури и да сака да направи некакви отстапки, Кнаус сугерира тоа да го направи билатерално, и да не се дозволи да се стават во преговарачката рамка. - Јас не сакам да давам совети, на крајот тоа е на Владата во Северна Македонија да одлучи што сака да направи. Сметам дека ова е опасно за ЕУ. Ако Северна Македонија сака тоа да го направи тоа е нејзина работа, но ова за ЕУ би бил опасен преседан, бидејќи внесувате прашања кои се целосно билатерални и кои никогаш не би требало да бидат основа за ставање на вето на европско ниво. Тоа не е добро, оти може да се појават многу други прашања во процесот на проширување со останатиот дел од Балканот. Затоа сметам дека ова е лош преседан. Дури и Северна Македонија да сака да направи какви било отстапки, бидејќи ќе реши дека тоа е вредно да се направи, направете го тоа билатерално, кажете и на Бугарија „ова сме подготвени да го направиме“, но не го ставајте во преговарачката рамка, вели Кнаус. Во интервјуто за МИА, кое следи целосно, тој меѓу другото говори и за евентуалното одвојување на Албанија доколку не биде кренато ветото за Северна Македонија во јуни, за неговиот став за францускиот предлог за европска политичка заедница. Кнаус ја појаснува неговата идеја за пристапување на земјите од Западен Балкан во европскиот единствен пазар како конкретна придобивка што секоја  земја која е во процес на пристапување треба да ја добие исклучиво на база на своите заслуги и без можност за вето. Кнаус, кој учествуваше на Преспа Форумот за дијалог во Охрид, говори и за перцепцијата за регионот во ЕУ и доделувањето статус на кандидати на Украина и Молдавија. На една недела до Европскиот совет и по напорите на Париз и лично на Макрон да посредува во спорот со Софија за тргање на ветото и минатонеделната посета на германскиот канцелар Шолц на Скопје и Софија, како ги оценувате можностите Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ на крајот од француското претседателство? -Разговорите се одвиваат додека зборуваме, се плашам дека не сум оптимист од она што го слушнав, поради внатрешната ситуација во Бугарија. Но, вистина е дека и двајцата, и францускиот претседател и германскиот канцелар, рекоа дека ова прашање треба да се реши. Сепак, според моето искуство од минатото со грчкото вето, со словенечкото вето на времето на Хрватска, клучот за тоа е промена во дебатата кај домашната јавност, а јас не гледам дека постои таква промена во моментов во јавниот дискурс во Бугарија. Се надевам дека грешам, не сум толку добро информиран како што некои други велат дека се оптимисти, но сум гледал вакви билатерални спорови и она што мора да се случи е дека земјата која гo предизвикала, мора да сфати дека не може да успее. Грција требаше да сфати дека не може да успее да го промени идентитетот на Македонија со промена на името во Северна Македонија. Всушност Македонија го доби овој спор бидејќи вие имате македонски јазик, македонска нација и Грција мораше да го прифати ова. Словенија сфати дека нема да добие промена на границата со Хрватска како што сакаше и се откажа. Бугарија мора да сфати дека прашањето на бугарското малцинство не е проблем. Вистинскиот проблем е дека вие немате гаранции дури и да постигнете договор за ова, и дека Бугарија, односно некои во Бугарија го проблематизираат македонскиот идентитет. Ќе дојде моментот кога Бугарија ќе сфати дека не може да победи. Проблемот е што за ова треба време, а времето е единственото што Северна Македонија го нема. Јас бев песимист веќе во 2019 година дека штом се покрене прашањето од Бугарија, а се плашам и сега дека тоа нема да се реши лесно. Значи, ништо не е грешка на македонската Влада, таа се обиде со се, Договорот за пријателство беше многу добра работа, преговорите беа сериозни, Македонија не ја испровоцира Бугарија на каков било начин. Во овој случај Северна Македонија направи се што треба, но има работи кои не смеат да се компромитираат и во моментов проблемот лежи во Бугарија. Колку политичката криза која настана во Софија по излегувањето на еден од партнерите во владејачката коалиција на премиерот Петков, може да биде дополнителна пречка за постигнување на договор меѓу Скопје и Софија за тргање на ветото? -Ситуацијата во Бугарија, морам да кажам, се менува секој момент и имам контакти со луѓе во Бугарија, а многу работи се случуваат и во Украина, бев и во Молдавија пред неколку недели да зборувам за нивната апликација. Во моментов, работиме многу напорно Босна да добие кандидатски статус следната недела, затоа не сум фокусиран само на Бугарија, а бугарската политика е толку комплицирана во моментов и не можеш да ја следиш ако не си фокусиран 120 проценти на тоа што се случува таму. Сепак, немам добро чувство за начинот на кој се одвива дебатата во Бугарија. Знам дека има Бугари кои сакаат да го решат ова, и кои беа вербално нападнати. Тоа не е добро. Бугарија инсистира на вклучување на нивните барања поврзани со нашиот национален идентитет, јазик и историја во преговарачката рамка, како услов за почеток на преговорите. Словачка и Чешка веќе се изјаснија дека нема да прифатат вакви билатерални барања во преговарачката рамка што се спротивни на принципите на ЕУ. Можно ли е да се направи ваква отстапка за Бугарија на претстојниот самит на ЕУ? -Да, Словачка и Чешка се во право. Видете, јас не сакам да давам совети, на крајот тоа е на Владата во Северна Македонија да одлучи што сака да направи. Сметам дека ова е опасно за ЕУ. Ако Северна Македонија сака тоа да го направи тоа е нејзина работа, но ова за ЕУ би бил опасен преседан, бидејќи внесувате прашања кои се целосно билатерални и кои никогаш не би требало да бидат основа за ставање на вето на европско ниво. Тоа не е добро, оти може да се појават многу други прашања во процесот на проширување со останатиот дел од Балканот. Затоа сметам дека ова е лош преседан. Дури и Северна Македонија да сака да направи какви било отстапки, бидејќи ќе реши дека тоа е вредно да се направи, направете го тоа билатерално, кажете и на Бугарија „ова сме подготвени да го направиме“, но не го ставајте во преговарачката рамка. Каков развој на настаните во однос на проширувањето може да се очекуваат по завршувањето на француското претседателство доколку Скопје и Тирана повторно извисиат за старт на преговорите? Дали земјите ќе бидат разделени на патот кон ЕУ? -Сметам дека во интерес на Северна Македонија е да бидете разделени, бидејќи во моментот кога ќе видите, ЕУ ја блокира Албанија без никаква причина. Тоа всушност сугерира дека не е само Бугарија таа која блокира, туку повеќе се, очигледно е. Ако ЕУ започне преговори со Албанија, а единствената земја која во моментов е блокирана е Северна Македонија, тогаш јасно е зошто. Мислам дека ова ќе и помогне на Северна Македонија да го направи прашањето јасно, а на Бугарија да почувствува дека не се единствените кои имаат дилеми за проширувањето. Добро е тоа што Албанија досега не побара да се пресече врската, бидејќи е добар сосед, но сметам дека доколку нема добар договор сега, доколку Макрон и Шолц не успеат да ја променат бугарската позиција, преговорите да почнат барем со Албанија, бидејќи тогаш ќе стане јасно и дека некои други земји-членки се кријат зад ова. Всушност мислам дека тоа ќе биде подобро. Северна Македонија и Албанија си требаат една на друга за многу прашања и нивните односи се добри и тоа не би ризикувал, но во моментов никој не напредува. Црна Гора преговара веќе 10 години, а затворија само три поглавја, тоа не е сериозно. Србија преговара веќе осум години. Сите овие поврзувања, односно дека земјите треба да бидат во пакет, како ова на Северна Македонија и Албанија, всушност ја нарушува идејата за напредување според заслуги. Северна Македонија нема да загуби ако Албанија ги почне преговорите. Ако се погледне во суштината на пристапувањето во ЕУ, ЕК мора да каже дека земјата постигнала добра подготвеност во сите поглавја плус владеење на правото. Во последниот извештај на Комисијата  за поглавјата и тука ќе ги ставам сите земји, ќе видиме дека Северна Македонија во моментов е во иста позиција со Србија без почнати преговори, што значи дека ако имавме проценка според заслугите, Северна Македонија е исто толку блиску да се приклучи колку и Србија. Албанија во моментов заостанува и ќе биде добро ако ги стигне, но на крајот дали земјата ќе се приклучи или не, решава исполнетоста на критериумите и се разбира, политиката, но без тоа ниту една земја не може да се приклучи. Затоа се залагам за почеток на преговорите со Албанија бидејќи тоа ќе биде добро за сите земји, а особено за оние кои се блокирани како Косово, Босна, и посебно за Северна Македонија. Ако земјата постигне добра подготвеност по сите поглавја, тогаш мора да постои гаранција сега дека таа земја може да се приклучи на единствениот пазар и ги добие четирите слободи за луѓето и капиталот како Норвешка и Исланд. Тоа не е алтернатива. Вие преговарате за членство, но политиката на проширување, како што видовме е комплицирана. Но, ако земјата ги постигне овие критериуми и Комисијата ја оценува секоја земја, секоја година, тогаш таа земја или сите земји треба да добијат гаранција дека во моментот штом ги исполнат критериумите добиваат барем пристап на единствениот пазар. Ова го предложив пред три години, и ако ова беше прифатено, мислам дека Северна Македонија ќе беше толку близу, ако не и веќе таму, да ги добие четирите слободи. Како што посочив и на панел дискусијата, на Литванија и Латвија, земји кои се многу слични на Северна Македонија по големина и БДП по глава на жител, им требаа 34 месеци за да го компетираат целото европско законодавство. Тоа е можно и тука, а би значело дека имаме процес кој навистина се темели на систем на заслуги и сите шест земји ќе имаа цел која не може да биде блокирана со вето. Не може да се стави вето на вашиот напредок, на вашите постигнувања, ниту извештаите на Комисијата, која очигледно е објективна за ова. На пример, во делот на јавна администрација, правосудство, корупција итн, Северна Македонија е на врвот според оценката на Комисијата, направете ова да има смисла и сметам дека има шанса. Значи тоа не е промена на процесот на пристапување, ниту е нова форма на членство, туку конкретна придобивка што земјата треба да ја добие исклучиво на база на своите заслуги. Како да се постигне ова? -За ова потребен е предлог што би можело да го поднесе чешкото претседателство како што е договорот за транспортната заедница да имаме договор за економска заедница, што не значи нова процедура, нови преговори, само штом сте во процес на пристапување и ги исполнувате овие критериуми - ја добивате оваа бенефиција. Сметам дека ова може да функционира бидејќи не може да се користи вето, и не вклучува политика, но ќе им овозможи на луѓето придобивки со четирите слободи. Тоа значи дека секој од Северна Македонија ќе ги има сите права во ЕУ како и Норвежаните. Норвежаните можат да студираат секаде во ЕУ по иста цена како и граѓаните на ЕУ. За бизнисите веќе нема гранични контроли, воопшто. Тоа е разликата меѓу Северна Ирска и Велика Британија денес. Она што го гледаме после Брегзит е дека Северна Ирска економски е многу подобра од Велика Британија, бидејќи е дел од единствениот пазар. Тоа е вистинска придобивка. Британија која е надвор од единствениот пазар ја плаќа истата цена како и Западен Балкан, со таа разлика што тоа беше избор на Британија, а земјите од регионов немаа таков избор. Претседателот Макрон излезе со една нова идеја за создавање европска политичка заедница во услови кога практично процесот на проширување е запрен, а на тлото на Европа се случува војна (во Украина) . Што мислите за оваа идеја? -Веќе постои европска политичка заедница на демократии во која се и Британија и Северна Македонија и Швајцарија, а тоа е Советот на Европа. Министрите на земјите членки на Советот на Европа можат да се среќаваат еднаш годишно, се работи за заеднички вредности. Јакнењето на СЕ е многу добра идеја и за земјите од Балканот бидејќи тие се веќе членки. Повеќе би зборувал за спроведување на одлуките на ЕСЧП, бидејќи овде земјите од Западен Балкан стојат многу добро. Ако ги погледнете пресудите што се сметаат за приоритет бидејќи се многу важни, Црна Гора нема ниту една одлука што не ја примениле. Сите држави од Балканот се меѓу најдобрите во СЕ. Така што јакнењето на СЕ и нагласувањето дека земјите од Балканот се меѓу најдобрите кога станува збор за спроведување на пресудите, верувам дека е важна порака за остатокот од Европа, бидејќи луѓето не го знаат тоа. Идејата за создавање поблиски врски додeка земјите се придружат е во ред, но мора да има супстанца, мора да има интерес. Предноста во приклучувањето на единствениот пазар  е конкретно нешто. Норвешка го има ова, Финска и Австрија исто така го имаа пред да станат членки на ЕУ. Тие прво се придружија на единствениот пазар во 1994, а година подоцна во 1995 година станаа членки на Унијата. Бидејќи еднаш штом станете дел од единствениот пазар, влезот во ЕУ е многу лесен. Причината зошто ЕУ интеграцијата функционира е во тоа што постои поттик. Во Договорот од Рим се наведува дека целта е елиминирање на бариерите кои ја делат Европа. Не кажува елиминирање на бариерите меѓу шест држави, туку за Европа. Прво беа шест држави, па потоа 12, па 15, па 27. Ние треба да ги елиминираме сите бариери меѓу Балканот и ЕУ, а тоа е единствениот пазар, четирите слободи. Како што има изјавено францускиот министер за надворешни работи Шуман при креирањето на првата заедница - солидарноста на дело. Нам ни треба повеќе солидарност на дело бидејќи интересите ги поврзуваат земјите. Единствениот пазар се применува во Северна Ирска. Нема граница денес меѓу Северна Ирска и Ирска, за пет години така треба да изгледа границата меѓу Северна Македонија и Грција. Тоа е остварливо. Ако Словачка можеше да ги затвори преговорите за помалку од три години, ова е изводливо. Но, потребно е да се даде сигнал. На Преспа форумот за дијалог учествуваа високи гости – претседатели, премиери, министри од регионот, претседателот на ЕС, специјалните претставници за Балканот на САД, Германија, Велика Британија, на ЕУ и на Австрија, експерти, политички аналитичари.. Каква е вашата перцепција, дали во Европа се менува перцепцијата за регионот и неговата евроинтеграција? -Беше многу добро што политичарите од регионот, вклучувајќи и од Северна Македонија, рекоа мошне отворено дека го поддржуваат кандидатскиот статус на Украина, бидејќи некои од Западна Европа и рекоа „не“ на Украина бидејќи Западен Балкан чека. Но, на Западен Балкан не му е од помош доколку Украина е блокирана. И она што го гледаме денеска е спротивното. Со давање кандидатски статус на Украина и на Молдавија, дебатата за реформирање на процесот на пристапување е многу посилна, посериозна. Бидејќи сега што треба да и кажеме на Украина, добивте кандидатски статус и тоа е се? Тие водат војна. Ако кандидатскиот статус е како оној на Северна Македонија – да чекаат 17 години во соба од која не можат да излезат – тоа Украинците нема да го прифатат. Затоа, сега има вистинска дебата за тоа што треба следно да се направи и тоа е всушност добро за сите. Виолета Геров

Остани поврзан