• среда, 04 декември 2024

Клучните актери во обновената граѓанска војна во Сирија

Клучните актери во обновената граѓанска војна во Сирија

Дамаск, 4 декември 2024 (МИА) - Разорната 13-годишна граѓанска војна во Сирија е во голема мера до години беше потисната, но сепак - големата офанзива на милитантите во северозападна Сирија го оживеа конфликтот и ги привлече регионалните сили, како и Русија.

Од крајот на ноември, групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) и нејзините сојузници ја презедоа контролата врз поголемиот дел од Алепо - вториот по големина град во Сирија - и околните села.

Офанзивата претставува голема закана за претседателот Башар ал Асад, кој ја задржа власта со поддршка на клучните сојузници Русија и Иран. Конфликтот ги спротивстави Москва и Техеран против Турција, која ги поддржува вооружените групи вклучени во офанзивата предводена од ХТС.

Хајат Тахрир ал-Шам

ХТС е милитантна исламистичка група што се обидува да формира држава во Сирија според исламски закон. Многу од нејзините членови се следбеници на салафизмот, ултрарадикална секта во сунитскиот ислам. Групата за првпат се појави во 2012 година под името Џабхат ал Нусра, или Фронт Нусра, како сириски огранок на Ал Каеда. Со седиште во северозападната сириска провинција Идлиб, подоцна неколку пати го менуваше името и се дистанцираше од Ал Каеда. Се спои со други опозициски групи во 2017 година и на тој начин беше формиран ХТС.

Според проценките на американските разузнавачки служби, ХТС има меѓу 5.000 и 10.000 борци. САД ја сметаат таа група за терористичка организација. ХТС е во сојуз со неколку помали милитантни исламистички групи, вклучувајќи ги Фајлак ал-Шам, Џаиш ал-Иза, Харакат Ахрар ал-Шам и Туркистанските бригади.  

Сириската национална армија поддржана од Турција

Анкара ја поддржува Сириската национална армија (СНА), бунтовничка група вклучена во офанзива во северна Сирија. Експертите велат дека Турција, исто така, има одредено влијание врз ХТС. Главната цел на СНА беа Сириските демократски сили (СДФ), поддржани од САД, предводени од Курдите.

СНА неодамна ја презеде контролата врз Тел Рифат, претежно курдски град во северна Сирија. Курдите долго време се угнетено етничко малцинство во Сирија во која доминираат Арапите. Од 2016 година, Турција започна неколку прекугранични копнени операции против СДФ, клучниот западен сојузник во кампањата против екстремистичката група, таканаречената Исламска држава.

СДФ е коалиција што  ги вклучува курдските Единици за заштита на народот (YPG). Турција смета дека ЈПГ е продолжение на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и САД ја сметаат за терористичка организација.

САД имаат околу 900 војници во југоисточна Сирија долж границата со Јордан и Ирак.

Иран

Иран има долгогодишни односи со Сирија, каде што значително го зголеми своето влијание од избувнувањето на граѓанската војна во 2011 година.  Техеран воено интервенираше во 2013 година и одигра клучна улога во зајакнувањето на силите на Асад. Тој распореди стотици офицери на Корпусот на Исламската револуционерна гарда  за да регрутира и обучи десетици илјади домашни и странски шиитски борци. Сирија му обезбедува на Иран клучен копнен коридор до Левантот, кој се смета за логистички столб на таканаречената „оска на отпорот“, лабава мрежа на регионални сојузници и застапници на Техеран. Покрај Иран, единствена земја која е дел од таа оска е Сирија.  

Хамидреза Азизи, соработник во германскиот институт за меѓународни односи и безбедност, рече дека обезбедувањето дека Асад останува на власт „е уште поважно за Иран сега отколку што беше порано“, наведува РСЕ.

Причината е што Техеран има намера да го искористи копнениот коридор низ Сирија за да го вооружува и снабдува својот либански сојузник Хезболах, чии воени капацитети се намалени по неодамнешната војна со Израел, рече Азизи.

Иран потроши милијарди долари за да го задржи Асад на власт и веројатно нема да се откаже од инвестициите, велат експертите.

Русија

Воената интервенција на Русија во сириската граѓанска војна во 2015 година го промени текот на војната. Воздушните кампањи на Москва против позициите на бунтовниците и помогнаа на сириската армија и проиранските милиции да повратат големи делови од територијата, но предизвикаа и огромни цивилни жртви.

„Кога Русија првпат интервенираше во граѓанската војна во Сирија, тоа беше главно за поддршка на сојузникот во регионот, со желба да се зајакне постојниот режим и да се избегне нестабилноста што ќе го следи неговиот пад, како и со желбата да се спротивстави на тероризмот“, рече Џени Матерс, виш предавач по руска политика на Универзитетот Абериствит. Сега, сепак, тоа е и прашање на гордост, рече Матерс, додавајќи дека Москва ќе го „изгуби образот“ доколку владата на Асад падне по повеќегодишна руска поддршка.

Русија има две големи воени инсталации во Сирија: воздухопловна база во Хмеимим и поморска база во Тартус, која на Москва и дава пристап до Средоземното Море.

Експертите велат дека загубата на сојузник во Сирија ќе биде удар за престижот на Русија на меѓународната сцена и нејзините регионални амбиции.

Откако ХТС и нејзините сојузници започнаа ненадејна офанзива, Русија изврши десетици воздушни напади во областите контролирани од милитантите. зш/

Остани поврзан