Клубот Тигар од Делчево в недела домаќин на второто коло од македонската бокс лига
- Бокс и кикбоксинг клубот Тигар од Делчево ќе биде домаќин на второто коло од младинската и првата лига во бокс. За таа цел од клубот интензивно се подготвуваат за натпреварите кои се закажани за 4 мај 2025 (недела) со почеток во 14 часот.
Делчево, 1 мај 2025 (МИА) - Бокс и кикбоксинг клубот Тигар од Делчево ќе биде домаќин на второто коло од младинската и првата лига во бокс. За таа цел од клубот интензивно се подготвуваат за натпреварите кои се закажани за 4 мај 2025 (недела) со почеток во 14 часот.
Како што истакна тренерот Борче Ивановски, делчевскиот клуб ќе има и свој претставник на овие натпревари во името на Андреј Ѓорѓиевски, кој ќе боксува за прв пат на овие натпревари.
- Со Андреј Ѓорѓиевски работиме интензивно, тренинзите се одвиваат со добар тек. Тоа ќе му биде прва борба, ќе видиме како ќе не претстави. Следејќи ја неговата способност тој ги задоволува стандардите за да се натпреварува, вели Ивановски.
Ѓорѓиевски кој тренира една година во клубот иако се уште не го знае името на противникот очекува добар резултат.

Клубот од Делчево за чии тренинзи се задолжени браќата Ивановски кои имаат настапувано за македонската кикбоксинг репрезентација, повторно започна со работа пред околу два месеци.
- Тигар функционира како боксерски и кикбоксинг клуб. Тоа се два посебни клуба кои се членки на федерациите. Тренинзите се одвиваат во две групи едната група е дечиња до 13 години, а имаме и возрасна група. Тренираме понеделник, среда и петок, додава тренерот Мики Ивановски.
Во рамки на натпреварите во недела борбите ќе се одвиваат во сениорска категорија, а планирани се и борби во помладите конкуренции. Од клубот од Делчево ги поканија вљубениците во спортот со своето присуство да дадат свој придонес во успешна организација на настанот. вс/зс/
Фото: МИА