КК Гостивар ги започна подготовките, на првиот тренинг дојдоа и две засилувања
- Гостиварскиот кошаркарски прволигаш ги започна подготовките за претстојната натпреварувачка сезона. На прозивката присуствуваа играчите кои претходната сезона беа костур на тимот, а се очекув
Гостивар, 17 август 2020 (МИА) - Гостиварскиот кошаркарски прволигаш ги започна подготовките за претстојната натпреварувачка сезона. На прозивката присуствуваа играчите кои претходната сезона беа костур на тимот, а се очекуваат уште две засилувања.
Шефот на стручниот штаб, Марјан Србиноски се надева дека во овој период заедно со управата ќе создаде тим што ќе биде респектиран од противниците и ќе стигне во погорните позиции на табелата.
Според неговите оценки, новата сезона ќе има повисок квалитет на кошарка со оглед на, како што вели, фактот дека во останатите клубови значително се вложува. Пред почетокот на подготовките во екипата дојдоа центарот Марјан Јанески кој по повеќе од една деценија се враќа во матичниот клуб, Лејсон Зеќири и старо-новиот Малколм Армстед.
– Од денес ги започнуваме подготовките и се планирани две фази. Во првата фаза која ќе се одвива тука, во Гостивар ќе се работи два пати дневно, најмногу на подобрување на кондиционата форма. Заради условите тоа ќе се одвива на еден од стадионите и во сала. Потоа следува една недела подготовки на Маврово, за подобрување на физичката форма и меѓусебно запознавање. Ова не е комплетната екипа, очекуваме и дополнувања на позицијата „еден“ и на позиција „четири“. Тоа би требало да се направи во наредниве дваесетина денови, изјави за МИА шефот на стручниот штаб Марјан Србиноски.
Амбициите во КК Гостивар и оваа година се големи и целат кон погорните позиции. На стартот на подготовките се појавија и играчите кои и лани беа костурот на екипата како Тасовски, Димчевски, Костовски, Димитриевски.
Промена ќе има и на клупата, каде како нов помошник на Србиноски ќе биде Горан Веселиноски.
Од управата потврдија дека до крајот на месецот се очекува да се проверат квалитетите на најмалку уште двајца странски кошаркари на позиции кои ќе ги одреди стручниот штаб.
КК Гостивар 1954 по прекините, во низа настапува четврта сезона во Првата лига и важи за клуб со најголема посетеност на натпреварите како домаќин.
Минатата сезона гостиварци се бореа за првото место по основниот дел на натпреварувањата, но до тоа не дојде заради прекинот, иако и пред почетокот на Суперлигата се засилија со двајца квалитетни странци. згм/зс/