• недела, 22 декември 2024

Кинескиот претседател ја повика Индија на патот на мирна коегзистенција

Кинескиот претседател ја повика Индија на патот на мирна коегзистенција

Казан, 24 октомври 2024 (МИА) - Кина и Индија треба заеднички да го следат патот на мирен соживот и развој, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг на средбата со индискиот премиер Нарендра Моди, на маргините на самитот на БРИКС во Казан.

„Двете страни треба да преземат меѓународна одговорност, да дадат пример за земјите во развој за да можат да се обединат за самоподобрување и да придонесат за промоција на мултиполарен свет и демократизација на меѓународните односи“, рече Си во изјавата, објавена на официјалната веб-страница на кинеското Министерство за надворешни работи, пренесена од руските медиуми. 

Претседателот Си повика на правилно стратешко разбирање и заедничка работа и посочи дека големите сили и соседи, Кина и Индија, треба „да го следат светлиот и правилен пат на мирна коегзистенција и заеднички развој“. 

Кинескиот претседател истакна дека Кина и Индија мора да се придржуваат до консензусот дека двете земји си обезбедуваат можности за развој, а не закани, и да бидат партнери, а не ривали. 

Тој истакна дека двете страни се согласиле заеднички да го одржуваат мирот во пограничните области, како и да бараат праведно и разумно решение за постоечките разлики. 

Ова беа први билатерални разговори меѓу Нарендра Моди и Си Џинпинг по судирот меѓу индиската и кинеската армија во пограничниот регион Ладах во 2020 година. 

Индија и Кина имаат долгогодишен територијален спор за речиси 60.000 квадратни километри во североисточната држава Аруначал Прадеш, како и делови од планинска територија во северен Кашмир. Контролната линија, која ја заменува границата меѓу земјите во овој регион, се наоѓа во регионот Ладах, а во есента 1962 година овој спор се претвори во гранична војна. Новата ескалација започна во Ладах во мај 2020 година, кога се случија серија судири меѓу кинеската и индиската армија во областа на езерото Пангонг, по што Њу Делхи и Пекинг го засилија своето воено присуство во регионот.  сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан