• сабота, 22 март 2025

Кина, Јапонија и Јужна Кореја се заложија за посилна трилатерална соработка

Кина, Јапонија и Јужна Кореја се заложија за посилна трилатерална соработка

Сеул, 22 март 2025 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Кина, Јапонија и Јужна Кореја се состанаа во Токио и разговараа за заедничките проблеми како што се стареењето на населението, падот на наталитетот, природните катастрофи и зелената економија.

Јапонскиот министер за надворешни работи Такеши Иваја изјави за новинарите дека тој, неговиот кинески колега Ванг Ји и јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Тае-Јул се согласиле да промовираат меѓусебно разбирање и доверба додека разговараат за заедничките прашања кои влијаат на неколку генерации за да добијат поширока поддршка за нивната трилатерална соработка, пренесува БТА.

Иваја изрази загриженост за нуклеарниот и ракетниот развој на Северна Кореја, како и за нејзината соработка со Русија и ја нагласи потребата да се продолжи со целосна денуклеаризација на Пјонгјанг во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Иваја го потврди ставот на Јапонија дека ја осудува војната меѓу Русија и Украина. Тој изјави дека нема место во светот за еднострани обиди за насилна промена на границите.

Ванг Ји рече дека Кина го поддржува воспоставувањето заедничка регионална економија и предложи продолжување на преговорите за економската рамка за трите земји, како и промовирање на проширувањето на Регионалното сеопфатно економско партнерство. Според него, соработката меѓу Јапонија, Кина и Јужна Кореја во областите што вклучуваат технолошка размена ќе послужи како клучна движечка сила за соработката во Источна Азија.

Состанокот беше посветен на плановите за трилатерален самит оваа година во услови на растечка политичка и економска несигурност и предизвици од американскиот претседател Доналд Трамп.са/

Фото: ЕПА

Остани поврзан