• петок, 05 декември 2025

Кина се закани со повеќе контрамерки поради коментарите на јапонската премиерка за Тајван

Кина се закани со повеќе контрамерки поради коментарите на јапонската премиерка за Тајван

Пекинг, 19 ноември 2025 (МИА) – Кина соопшти дека „нема да има друг избор освен да преземе повеќе мерки“ доколку Јапонија не ги повлече своите „погрешни коментари“ и не преземе конкретни мерки за „заштита на политичката основа“ на билатералните врски.

Коментарите на јапонската премиерка Санае Такаичи за Тајван „фундаментално ја оштетија“ политичката основа на односите меѓу Кина и Јапонија, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на редовниот брифинг.

Доколку Јапонија одбие да ги повлече своите коментари и продолжи да „прави грешки“, Кина ќе преземе „строги и решителни“ контрамерки, а Јапонија ќе ги сноси последиците, додаде Мао.

Со оглед на моменталната ситуација, дури и ако јапонските морски плодови се увезуваат во Кина, тие нема да најдат пазар тука, додаде портпаролката, коментирајќи ги извештаите дека Кина ќе го запре увозот на јапонски морски плодови.

Мао, исто така, рече дека Кина цврсто се спротивставува на обвинувањата од британската разузнавачка агенција МИ5, која, според неа, „шири неосновани обвинувања“ дека кинеските шпиони се претставуваат како вработени во агенции за регрутирање работна сила, и рече дека кинеската страна нема интерес да собира разузнавачки информации од британскиот парламент.

Разузнавачката агенција МИ5 претходно ги предупреди британските пратеници за обиди на кинески агенти да собираат информации и да вршат влијание. јт/

Фото: Мао Нинг на Х

Остани поврзан