• среда, 07 јануари 2026

Кина и Пакистан бараат Кабул да преземе решителни мерки против терористи од Авганистан

Кина и Пакистан бараат Кабул да преземе решителни мерки против терористи од Авганистан

Пекинг, 5 јануари 2026 (МИА) - Кина и Пакистан ги повикаа авганистанските талибанци да преземат „видливи и проверливи мерки“ против терористичките групи што дејствуваат од територијата на Авганистан и претставуваат сериозна закана за регионалната и глобалната безбедност, јави ДПА.

Апелот е упатен преку заедничко соопштение објавено по стратешкиот дијалог меѓу министрите за надворешни работи на Кина и Пакистан во Пекинг, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.

„Двете страни повикаа на повидливи и проверливи активности за распуштање и елиминирање на сите терористички организации со база во Авганистан, кои и натаму претставуваат сериозна закана за регионалната и светската безбедност, како и за спречување на терористичките организации да ја користат авганистанската територија за тероризам против која било друга земја или за заканување на која било друга држава“, се наведува во соопштението.

Кина и Пакистан се согласија и да соработуваат со меѓународната заедница со цел да ја охрабрат авганистанската влада да воспостави инклузивна политичка рамка, да усвои умерени политики и да се интегрира во меѓународната заедница.

Напнатоста меѓу Пакистан и Авганистан ескалираше откако на 9 октомври Пакистан изврши воздушни напади во Кабул, по што следеа дополнителни напади, потсетува ДПА. Авганистанските сили возвратија со удари долж границата.

Граничните судири беа најжестоки меѓу двете соседни земји во последните децении, а десетици војници и цивили загинаа на двете страни од границата.

Мировните преговори со посредство на Катар, Турција и Саудиска Арабија не доведоа до пробив, иако Исламабад и Кабул се согласија да одржуваат примирје.

Исламабад го обвинува Кабул дека им дава засолниште на пакистанските талибанци и им помага во извршувањето напади во Пакистан. Авганистанските талибанци ги отфрлаат овие обвинувања. Двете групи некогаш беа сојузници, но влегоа во конфликт откако авганистанските талибанци ја презедоа власта во Кабул во 2021 година. ссм/ми/

фото: архива

Остани поврзан