• четврток, 02 мај 2024

„Килибар и младост“ - нова поетска збирка на Гордана Михаилова Бошнакоска

„Килибар и младост“ - нова поетска збирка на Гордана Михаилова Бошнакоска

Скопје, 17 април 2024 (МИА) - Објавена е новата поетска збирка  „Килибар и младост“ од македонската поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска. Делото го објави издавачката куќа „Макавеј“.

Предговорот е на поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски, а поговорот на писателот Гоце Смилевски.

- Со оваа книга Гордана Михаилова Бошнакоска го продолжува успешниот залет од претходната стихозбирка „Мед и младост“ со која најави своевидна фигуративна бура во рамките на секогаш компактниот краток простор на нејзината лирска песна, соопшти издавачот.

- Во „Килибар и младост“ оваа ретка поетеса  нѝ се обраќа од килибарниот светлосен свет на нејзината меморија и преку илузијата на сонот, нѝ поставува на пребогатата лирска трпеза изобилство нестивнати емоции, прележани мудрости просеани низ најситното сито на личното векување и се збиднува фанкционален ментален смолест спој. Нема дистанца меѓу појавното и сонуваното, растојанието е совладано, лирскиот тон се опредметува и преминува во нашите прсти со диктирачката имагинација – а ние, читајќи, само го продолжуваме траењето на илузијата. Таков е овој маестрално стокмен удар на Горданината лирска етида, како музика што ги збрала сите времиња, во едно – во нашето, сегашното, единствено и миговно вечно време, се наведува во предговорот на Цветкоски.

Книгата може да се купи во електронската продавница на Издавачкото друштво  „Макавеј“. мд/сст/

Фото: „Макавеј“ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан