Кикбоксерот Змејкоски спортист на Виница за 2024 година
- Трета година по ред кикбоксерот Лука Змејковски, член на кикбокс клубот Лидер, го доби признанието за најдобар спортист на општина Виница за 2024 година.

Виница, 25 февруари 2025 (МИА) – Трета година по ред кикбоксерот Лука Змејковски, член на кикбокс клубот Лидер, го доби признанието за најдобар спортист на општина Виница за 2024 година.
На манифестацијата „Спортски асови“ што ја организираше Општина Виница, беа доделени повеќе награди и признанија за спортистите и екипите кои постигнале забележителни резултати.
- Им честитам за постигањата на нашите спортисти во 2024 година, за што сме многу горди горди, бидејќи на ваков начин го промовираат спортскиот дух и спортската култура, а со тоа ги мотивираат младите да се занимаваат со спорт. Општина Виница отсекогаш имала добри спортисти кои низ времето оставиле трајни вредности, на кои и денес се гордееме. Имаме спортисти кои постигнуваат значајни резултати и се вистински промотори на општината во земјата и странство. Радува фактот што голем број млади активно се занимаваат со спорт, почнувајќи од училишните спортски екипи, па сè до клубовите кои се натпреваруваат во домашните првенства и на меѓународни натпревари, истакна Миле Петков, градоначалник на Виница.
Кикбоксерот Змејкоски го освои првото место на Државното првенство, а пред неколку дена освои златен медал на Европскиот кикбокс куп во Бугарија.
Признанието за најдобар тренер, четврта година по ред, му припадна на Дарко Гоцевски од кикбокс клубот Лидер, кој е и најзаслужен за успехот на Змејкоски.
Фудбалскиот ветеран Драгослав Здравков, кој и во шестата деценија од животот е активен член на Слога 1934 доби признание за особен придонес во развојот на фудбалот во општината, а Зоран Васевски од истиот клуб доби награда за најдобар спортски работник.
Признание и вредносен ваучер за најдобар млад спортист доби Петар Захариев од ФК Слога 1934, а за најдобра млада спортистка е избрана Стефанија Веселинова од КБК „Лидер“. Виничкиот фудбалски клуб доби признание за најдобра спортска екипа, а награди за постигнати високи резултати и промовирање на општината во областа на спортот добија младите спортисти Анастасиј Гоцевски, Нела Петреска, Борис Митревски, Нина Колева и Анастасија Андонова. та/зс/
Фото: МИА