• недела, 17 ноември 2024

КЗСД утврдии интерсекциска дискриминација врз шест Македонки на Меѓународниот балкански универзитет

КЗСД утврдии интерсекциска дискриминација врз шест Македонки на Меѓународниот балкански универзитет

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека е сторена интерсекциска дискриминација од страна на Меѓународен балкански универзитет кон шест вработени Македонки. Според претставката, универзитетот ги отпуштил овие жени без соодветни причини. КЗСД препорачува Универзитетот да ги врати на работа, во спротивно, најавува прекршочна постапка. 

Според наводите од претставката, Меѓународниот балкански универзитет донел одлука да го прекине работниот однос на шест Македонки. Од нив, четири вработени со договори на неопределено време биле прогласени за технолошки вишок, иако сите имале работен стаж подолг од 10 години и биле меѓу првите вработени со најголемо искуство, додека, на останатите две им било дадено писмо со известување дека нема да им се продолжат договорите и да не доаѓаат на работа до истекот на договорот. Наведуваат дека како резултат на овие отпуштања, во Школата за англиски јазик, како единица на универзитетот, не останала ниту една жена Македонка

Подносителките сметаат дека основите за нивно прогласување за технолошки вишок се неосновани бидејќи веќе има девет вработени чии договори истекуваат во октомври, а дополнително има останати вработени чии договори ќе истечат за една или две години. Дополнително сметаат дека ова оди во прилог за наводниот намален обем на работа, за кој исто така велат дека е шпекулативен затоа што првиот уписен рок е во август, па не е позната фактичката бројка на нови студенти.

Во исто време, како што дополнуваат, не биле наведени конкретни причини за отпуштање, ниту пак критериумите за тоа, а не биле направени ниту бодувања согласно Законот за работни односи.

Дополнително на ова, покрај четирите вработени кои биле прогласени за технолошки вишок, работодавачот не ги продолжил договорите на уште две Македонки, додека сите останати вработени (вкупно 19) остануваат на работа.

- Од единаесетте нови вработувања минатата година, чии договори се со времетраење од една година, само на жените Македонки им биле прекинати договорите, додека сите останати вработени кон не спаѓаат во групата на жени Македонки остануваат на работа. Подносителките сметаат дека станува збор за тенденциозно отстранување на одреден број на „неподобни" работници кои се најдени на листата на отпуштања не согласно спроведеното бодување направено по претходно донесена методологија, туку поради нивната националност, верска определба и пол, стои во одлуката на КЗСД.

Во однос на пријавените основи на дискриминација, истакнуваат дека сите отпуштени се жени, Македонки и христијанки со работен стаж над 10 години, додека, како што дополнуваат, работодавачот ги задржува оние со помалку искуство и квалификации. 

Меѓународниот балкански универзитет во одговорот информира дека во работата на Универзитетот дошло до драстично намалување на процесот на работа, а со тоа се појавила и потреба за намалување на бројот на вработените. 

- Поради настанатите економски, организациони, технолошки, структурни причини на страна на Универзитетот и согласно потребите на функционирањето на Универзитетот, се извршило намалување на бројот на извршители на работното место предавач во школа за англиски јазик. При овој процес, тврдат дека во целост биле почитувани правата на сите вработени и обезбедени биле сите законски права кои вработените ги уживаат согласно Законот за работните односи, стои во одлуката на КЗСД.

Наводите во претставката поднесена до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ги сметаат за неосновани, беспредметни и паушално наведени од страна на вработените на кои поради деловни причини Универзитетот како работодавач им го откажал Договорот за вработување.

Во оваа насока, информираат дека од вкупно 151 вработен во наставен кадар (без разлика дали е предавач/ асистент/доцент или професор), 58 се мажи и 93 жени. Оттука сметаат дека не може да се утврди дека е сторена дискриминација по основ на родовата структура и пол.

Во однос на етничката структура, базирано на М1/М2 обрасците за сите вработени, во Универзитетот од 151 вработен, македонци се 72 албанци се 43, турци се 22. срби 1, босанци 1. хрвати 1, додека за 11 вработени полињата за етничка припадност се празии. Притоа напоменуваат дека овој основ не претставува критериум кој Универзитетот го зема предвид при вработување или откажување на договори за вработување. Напротив, велат дека од статистичките податоци јасно може да се утврди дека Универзитетот вработува кадри од сите родови етникуми, раси и религии. 

Во однос на работното искуство, наведуваат дека истото не претставува основ за дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работните односи и дополнително, работното искуство изразено во години не претставува доказ и гаранција дека одреден вработен со поголем стаж подобро или попрофесионално ги извршува работните задачи од вработен со помал стаж.

Комисијата ја темели својата одлука врз основа на член 13 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој како потежок облик на дискриминација ја предвидува интерсекциската дискриминација, која согласно дефиницијата е секоја дискриминација врз две или повеќе дискриминаторски основи што се истовремено и неразделно поврзани.

Применета во конкретниот случај, како што стои во одлуката на КЗСД, интерсекциската дискриминација подразбира дека истата би се ценела врз основа на двете дискриминаторски основи род и етничка припадност, како истовремено и неразделно поврзани, при што ирелевантно е дали има други жени вработени или други Македонци, бидејќи она што се цени е дали има жени Македонки вработени. 

- Во овој контекст, единствените чиј работен однос бил прекинат се жените Македонки, со што во Школата за англиски јазик моментално не е вработена ниту една жена Македонка. Во оваа насока, Комисијата оцени дека изнесените тврдења во претставката се веројатни, па согласно член 26 од Законот, товар на докажување премина на Меѓународниот балкански универзитет, велат од КЗСД.

Дополнуваат дека од Универзитетот доставиле податоци за вкупниот број на вработени во наставен кадар, како и статистика во однос на родовата и етничката структура, меѓутоа не биле  доставени интерсекциски податоци за жени Македонки вработени во рамки на Школата за англиски јазик. Дополнително, Универзитетот не ги образложил причините поради кои токму на тие шест вработени им престанал работниот однос

Со одлуката, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација му препорачува на Меѓународен балкански универзитет да го продложи работниот однос на сите подносителки на претставката, доколку има потреба да го намали кадарот од деловни причини истото да го стори преку донесување на методологија за бодување на кадарот заснована на неутрални критериуми поврзани исклучиво со компетенциите за извршување на работното место и менаџментот на Меѓународен балкански универзитет да помине низ сеопфатна обука за сензибилизација за еднаквост и недискриминација организирана на трошок на Универзитетот. Воедно, се препорачува Универзитетот да донесе и редовно да спроведува политика за еднаквост и недискриминација на работно место.

- Доколку Меѓународен балкански универзитет не постапи согласно оваа препорака, Комисијата согласно своите надлежности ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд, велат од КЗСД. ар/аа/
Фото: МИА архива 

Остани поврзан