• петок, 20 декември 2024

Кевин Спејси мора да плати 31 милион долари отштета

Кевин Спејси мора да плати 31 милион долари отштета

Лос Анџелес, 5 август 2022 (МИА) - Кевин Спејси (62), добитник на два „Оскари“, ќе мора да ѝ плати речиси 31 милион долари на продуцентската куќа „МРЦ“, која го отпушти од снимањето на серијата „Куќа од карти“ (House of Cards) во 2017 година поради обвинувањата за сексуална злоупотреба.

Американските судски власти одлучија така откако неговата жалба беше одбиена. „МРЦ“ го тужеше американскиот глумец бидејќи со неговото однесување и отпуштањето, компанијата изгубила значителни приходи од серијата што, инаку, се занимаваше со политичките интриги во Вашингтон. Пред пет години, кариерата на Спејси ненадејно заврши поради серија наводи за сексуален напад, па продуцентите мораа да направат големи промени во заплетот на шестата сезона на „Куќа од карти“. Судот уште во 2020 година пресуди во корист на продуцентската куќа, оценувајќи дека однесувањето на Спејси ги прекршило правилата на договорот, на што актерот се жалел, но таа жалба била одбиена. Кевин Спејси е обвинет во Велика Британија за пет дела што наводно се случиле меѓу 2005 и 2013 година - четири точки за сексуален напад со допирање и посериозно обвинение за поттикнување сексуална пенетрација без согласност. Минатиот месец беше договорено судењето да се одржи на 6 јуни следната година. Спејси ги отфрли сите наводи за сексуално вознемирување. Глумецот, инаку, доби „Оскар“ за најдобра машка улога во „Американска убавина“ и за најдобра споредна машка улога во „Вообичаените осомничени“. Во „Куќа во карти“ тој го глумеше измислениот лик на безобѕирниот политичар Френк Андервуд.  си/сд/

Остани поврзан