• недела, 22 декември 2024

„Кајмак“ со фестивалски проекции во Стокхолм, Рим, Хаг, Лондон, Буенос Аирес, кинопремиери во Холандија и Хрватска

„Кајмак“ со фестивалски проекции во Стокхолм, Рим, Хаг, Лондон, Буенос Аирес, кинопремиери во Холандија и Хрватска

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Филмот„Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски ја завршува фестивалска година со проекции во Стокхолм, Рим, Хаг и Лондон, а следната година ќе ја почне со официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина. Филмот од 2 ноември е и на редовниот кино репертоар во Хрватска.

На крајот на месецов, режисерот Манчевски ќе присустува на проекцијата во Хаг и ќе одговара на прашања на публиката, по што ќе почне и кино прикажувањето низ Холандија. Исто така, Манчевски ќе присуствува и на проекцијата во Рим. На барање на Македонската амбасада, на 29 ноември „Кајмак“ ќе се прикажува во Лондон за студентите и поширокиот академски аудиториум на University College London. Минатиот месец, пак, „Кајмак“ го отвори 18. издание на Македонскиот филмски фестивал во Торонто.

На покана на Институтот за филм на Шангајскиот универзитет и шпанскиот Универзитет на Кастилја-Ла Манча, Манчевски минатиот месец во Толедо, Шпанија одржа десетдневен семинар за филмска режија, за класата студенти на овие универзитети. Изминатава годинава Манчевски одржа серија мастеркласови на фестивалите низ светот, од Токио, преку Калабрија, Тирана, Торонто.

„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Досега освои шест фестивалски награди.бт/са/

 

Остани поврзан