• понеделник, 23 декември 2024

Касами ги критикува несовесните граѓани и полицијата дека го попречуваат ослободувањето на узурпираните јавни површини

Касами ги критикува несовесните граѓани и полицијата дека го попречуваат ослободувањето на узурпираните јавни површини

Тетово, 29 декември 2023 (МИА) - По отстранувањето на дваесетина киосци од јавни површини во Тетово, голем број реакции имаше од граѓаните до нашата редакција, но и на социјалните профили на општината дека e селективен процесот затоа што многу тротоари се узурпирани од тезги на трговците и летни бавчи од локалите.

Градоначалникот Биљал Касами на последната годишна средба со новинарите рече дека тоа е постојана и секојдневна борба со несовесните постапки на дел од граѓаните.

- Нашите инспектори се секој ден на терен, но, за жал поради фактот со години, со децении наназад луѓето се научени да ги зафатат и узурпираат јавните површини, ние секој ден ги тргаме, тие утредента пак ги враќаат. За жал, и тука не се јасни надлежностите на општината, затоа што во поголемиот дел не можеме да интервенираме без поддршка на полицијата, а за жал, полицијата не помага во насока на нашиот интерес да имаме уреден град да имаме, чисти тротоари, чисти улици. Значи сè додека нема продолжување на процесот на децентрализација во делот на проширување на ингеренции на градот и во овој дел ние не ќе можеме посериозно да се соочуваме со овој проблем, затоа што реков, значи ние секој ден ги тргаме и секој ден се враќаат пак назад, затоа што општината нема можност по ригорозно да интервенира и да ги казни несовесните граѓани, истакна Касами.

Според него Законот за комунална полиција е заглавен во Владата, а изрази надеж дека по следните избори ќе имаа подобра комуникација со централната власт.

- За жал, ние еве во моментот прекинавме со расчистување на јавните површини. Затоа што последните обиди за да се продолжи со акцијата не ни беа успешни затоа што полицијата не бојкотира. Во два наврати излегуваме на терен, полицијата место да асистира на општинската инспекција, полицијата стои. И индиректно ги поддржува узурпаторите, истакна Касами.

Општинскиот инспекторат подигна десетина киосци на улицата „Димо Гавровски-Кара“ па сега се анализира дали ќе се пробие улицата и ќе се спои со булеварот или ќе се преуреди просторот. ас/сст/

фото МИА архива 

Остани поврзан