• среда, 22 јануари 2025

Каролина Гочева и Наум Петрески за Новогодишната забава на отворено во Охрид

Каролина Гочева и Наум Петрески за Новогодишната забава на отворено во Охрид

Охрид, 19 декември 2024 (МИА) – За охриѓани и сите гости што ќе бидат за новогодишните празници во Охрид, локалната самоуправа подготви  богата забавна програма.

Според планираното, забавата на Градскиот плоштад ќе започне на 30 декември во 20 часот, со стендап шоуто „2 Mothers Brothers“ со Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски.

Охрид

За добро расположение на гостите за дочекот на Новата 2025 ќе се погрижат поп-дивата Каролина Гочева, македонската фолк ѕвезда Наум Петрески, миленикот на помладата генерација охриѓанецот Пајак, како и групата „Take 5“ и ди-џеите Гец и Фејс.

За забавата на првиот ден од Новата година односно за 1 јануари се задолжени Сара Мејс и групата „Балканикос Бенд“.

Новогодишната програма оваа година го вклучува и проектот „Охридска новогодишна приказна“ што ќе започне на 24 декември, со предвидени 20 забавни настани посветени на најмладите. Дел од настаните е предвидено да се одржуваат напладне, а дел во вечерните часови.

Инаку, Охрид веќе е подготвен за новогодишните празници и најлудата ноќ. Градот е празнично украсен, улиците во централното градско подрачје и Кејот на езерото осветлени со соодветни реквизити.

Охридските хотелски сместувачки објекти со најави за солидна посетеност и исполнетост до над 80 проценти. Целосно исполнети се сите објекти со помал капацитет, како и оние сместувачки објекти каде има организиран дочек. Цената на аранжманите варира од некаде 150 до 300 евра за тридневен престој на база ноќевање, појадок и Свечена вечера за Новогодишната ноќ.

Кај рестораните има различни понуди за дочекот зависно категоризацијата и местоположбата, со цени и до 6000 денари по лице. Некои од рестораните во Охрид ќе работат и стандардно, без посебни резервации односно како и секој ден со мени „а ла кард“ и редовни цени на пијалоците, но секако со резервација на место.

Забава секако ќе има и за оние што сакаат Новата 2025 година да ја дочекаат во охридските кафулиња и ноќни клубови во поинаква атмосфера, со ди-џеј програма и гарантирана добра забава до раните утрински часови. Цените во попознатите барови се движат околу две илјади денари за лице, со храна и забавна програма без вклучен пијалок.

Најбројни секако ќе бидат туристите од соседството, а секако тука ќе има и голем број домашни гости, најмногу оние кои имаат свои станови и викендички во градот и околината. аб/ев/

фото/МИА

Остани поврзан