• четврток, 26 март 2026

Каранфилова Пановска: Промените во Вевчани доаѓаат со Стефан Радиновски

Каранфилова Пановска: Промените во Вевчани доаѓаат со Стефан Радиновски

Вевчани, 3 октомври 2025 (МИА) - Вевчани е посебно место – по својата историја, традиција, но и по духот на луѓето. Вевчанци секогаш знаеле гласно и јасно да ја кажат вистината, да кажат „Доста е!“ кога нешто не е како што треба, порача заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска на граѓанска трибина во Вевчани.

Таа истакна дека на овие избори граѓаните на Вевчани повторно ќе ја покажат својата сила и решителност.

- Да му кажеме на ВМРО-ДПМНЕ доста е! И во Вевчани, а со тоа да испратиме порака низ цела Македонија. Затоа што се работи за нашиот дом, кажа Каранфилова Пановска.

Таа потсети дека „граѓаните веќе видоа како изгледа Вевчани препуштено на ВМРО-ДПМНЕ – застанати проекти, запоставени граѓани, изгубени години“.

- Нивниот градоначалник не е гласот на народот, туку глас на партијата. Не работи за граѓаните, туку за бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо развој видовме застој. Наместо подобар живот – растечка сиромаштија, стагнација на платите, дивеење на цените и масовна иселување. Македонија оставена без план, без визија, без перспектива. Боли кога гледаме како нашиот дом се руши. Затоа ова не се само избори – ова е борба за иднината на Македонија, за нашите деца да растат во европска, модерна и просперитетна држава, нагласи Каранфилова Пановска.

Таа истакна дека мисијата на СДСМ е да ја врати надежта, правдата и државата во рацете на граѓаните.

Каранфилова Пановска ги повика вевчанци да го поддржат кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалицијата, Стефан Радиноски, како и за советничката листа.

- На 19 октомври сите заедно да излеземе и да гласаме за број 5 – за нашата иднина, за нашите деца, за Вевчани! За Стефан Радиноски за градоначалник и за советничката листа на СДСМ и Коалицијата. Заедно се бориме за нашиот дом – за Вевчани, за Македонија, за сите нас!, повика Каранфилова Пановска.сс/са/

Фото: СДСМ 

 

Остани поврзан