Канаѓанецот Дејвид пред трансфер во Наполи
- Канадскиот напаѓач Џонатан Дејвид (25), чиј договор со Лил истекува на 30 јуни, е блиску до продолжување на кариерата во Наполи.
Лондон, 30 мај 2025 (МИА) – Канадскиот напаѓач Џонатан Дејвид (25), чиј договор со Лил истекува на 30 јуни, е блиску до продолжување на кариерата во Наполи.
Бројни европски гиганти покажуваат интерес за него, но се чини дека италијанскиот шампион е најблиску до неговиот потпис, јавуваат денеска британските медиуми, додавајќи оти Дејвид бил контактиран и од претставници на Јувентус, а интерес покажува и Интер.
Богатите англиски клубови Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Челзи и Њукасл, исто така, се заинтересирани за Канаѓанецот роден во Њујорк, а Тотенхем се обиде да го доведе во зимскиот преоден рок, но трансферот не се реализираше.
Канадскиот репрезентативец пристигна во Лил во август 2020 година од белгискиот Гент во трансфер вреден 27 милиони евра. Изминатата сезона постигна 25 голови во сите натпреварувања за Лил и додаде 12 асистенции.ег
ФОТО: ЕПА