• понеделник, 27 јануари 2025

Калас очекува ЕУ да ги продолжи санкциите против Русија и да ги олесни мерките против Сирија

Калас очекува ЕУ да ги продолжи санкциите против Русија и да ги олесни мерките против Сирија

Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) – Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас изрази очекување дека европските министри за надворешни работи денеска ќе одобрат продолжување на санкциите против Русија поради војната во Украина, како и олеснување на мерките наметнати на Сирија под владеењето на поранешниот претседател Башар Асад.

- Очекувам денеска да биде одобрено продолжувањето на санкциите против Русија, изјави Калас пред почетокот на првиот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ годинава во Брисел.

- Треба да разговараме каков дополнителен притисок можеме да извршиме за да се стави крај на војната во Украина, додаде таа.

Калас соопшти дека синоќа министрите за надворешни работи разговарале со лидерката на опозицијата во Белорусија, Светлана Тихановскаја.

- Го поддржуваме белорускиот народ, рече Калас. Според неа, министрите за надворешни работи денеска ќе разговараат за хибридни закани, вклучително и настани во Балтичкото Море и на други места во Европа.

Високата претставничка изрази очекување дека Советот на ЕУ постепено ќе ги ублажи санкциите против Сирија и изрази подготвеност да ја обнови работата на делегацијата на ЕУ во Дамаск.

Калас најави дека ЕУ е подготвена да го врати своето присуство на граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа за да ја олесни испораката на хуманитарна помош за Палестинците.

- Треба да го приспособиме нашиот начин на работа на новата администрација во САД, рече Калас како одговор на новинарско прашање. Таа истакна дека секоја администрација има различен стил.

- Очекувам многу добра соработка, соопшти европската дипломатка. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан